свет

Во тек спасувачки операции, силен земјотрес однесе над 800 животи во Источен Авганистан

Официјални претставници велат дека бројот на загинати и повредени не е конечен бидејќи сè уште се комуницира со локалните жители во многу оддалечени области, а екипите за помош се на пат

Amir Latif Arain  | 01.09.2025 - Обновена : 02.09.2025
Во тек спасувачки операции, силен земјотрес однесе над 800 животи во Источен Авганистан

КАРАЧИ (АА) - Бројот на загинати во земјотресот со магнитуда од 6 степени што го погоди Источен Авганистан доцна синоќа се искачи на 800, а спасувачките операции продолжуваат, објавија денес официјалните претставници и локалните медиуми, јавува Анадолу.

Портпаролот на привремената авганистанска администрација, Забихула Муџахид, изјави дека бројот на повредени, исто така, се искачил на 2.500.

Геолошкиот завод на САД (USGS) го регистрира земјотресот во 23:47 часот по локално време, на 27 километри источно-североисточно од Џалалабад на длабочина од 8 километри.

Регистрирани се жртви во областите Нур Гал, Савки, Ватпур, Маноги и Чапа Дара во покраината Кунар.

Официјални претставници велат дека бројот на загинати и повредени не е конечен бидејќи сè уште се комуницира со локалните жители во многу оддалечени области, а екипите за помош се на пат.

Патиштата што водат до Дева Гул во округот Савки и Мазар Дара во округот Нур Гул се блокирани поради лизгање на земјиштето.

Најмалку уште два земјотреса со магнитуда од 5,2 степени го погодија ова подрачје по силниот земјотрес, според Геолошкиот завод на САД.

Администрацијата распореди хеликоптери за спасување и воздушен транспорт на повредените бидејќи патиштата се блокирани поради лизгање на земјиштето, што ги спречува спасувачките екипи да стигнат до неколку погодени области, изјави за Анадолу претставник на Министерството за информации.

Досега се реализирани 35 лета од аеродромот „Нангархар“ до Кунар, со кои 335 повредени лица се транспортирани до регионалната болница „Нангархар“, а напорите за пренесување на другите се во тек, објави „Толо њуз“.

Привремената администрација изјави дека ќе издвои 100 милиони авганистански авгани (1,4 милиони долари) за помош на погодените, објави државната новинска агенција „Бактар“ цитирајќи го Муџахид.

Комисија предводена од министерот за рурална рехабилитација и развој, мула Мухамед Јунус Ахунзада, е задолжена за координирање на напорите за помош на погодените од земјотресот.

Мештаните го опишаа како еден од најсилните земјотреси што ја погодиле земјата.

Обединетите нации (ОН) соопштија дека ѝ помагаат на локалната администрација во операциите за спасување и помош.

„ОН во Авганистан се длабоко ожалостени поради катастрофалниот земјотрес што го погоди источниот регион и одзеде стотици животи, а многу повеќе се повредени. Нашите тимови се на терен, доставувајќи итна помош и поддршка за спасување животи. Нашите мисли се со погодените заедници“, се вели во објавата на американската компанија за социјални медиуми X.

- Кинескиот претседател и генералниот секретар на ОН изразија сочувство -

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази „целосна солидарност со народот на Авганистан“ поради смртоносниот земјотрес.

„Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и им посакувам брзо закрепнување на повредените. Тимот на ОН во Авганистан е мобилизиран и нема да штеди сили да им помогне на оние на кои им е потребна помош во погодените области“, истакна тој во објавата на X.

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг, исто така, изрази „длабоко сочувство“ поради жртвите во земјотресот.

Тој изрази сочувство за време на состанокот на Шангајската организација за соработка (ШОС) Плус во пристанишниот град Тјанџин во Северна Кина.

„Посакувам авганистанската Влада и народот да ги надминат тешкотиите и да ги обноват своите домови колку што е можно поскоро“, рече Си.

Авганистан е една од двете земји со статус на набљудувач во ШОС, но не беше поканет во Тјанџин бидејќи меѓународната заедница сè уште не ја призна привремената администрација предводена од Талибанците. Русија, членка основач на блокот, е единствена земја членка на ОН што ја призна администрацијата во Кабул, која се врати на власт во август 2021 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın