свет

Во Претставничкиот дом на САД помина Предлог-законот за спречување на принудна работа на Ујгурите во Кина

На гласањето пред Генералното собрание на Претставничкиот дом, Предлог-законот за спречување на принудна работа на Ујгурите беше усвоен со 406 гласа „За“ и 3 гласа „Против“

Safvan Allahverdi   | 23.09.2020
Во Претставничкиот дом на САД помина Предлог-законот за спречување на принудна работа на Ујгурите во Кина

ВАШИНГТОН - Во Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) помина Предлог-законот за забрана на увоз во САД на производи кои се произведени од Ујгурите во кинеската област Синџар под принуда и за воведување санкции за лицата вклучени во трговијата со работници, јавува Агенција Анадолија (АА).

На гласањето пред Генералното собрание на Претставничкиот дом, Предлог-законот за спречување на принудна работа на Ујгурите беше усвоен со 406 гласа „За“ и 3 гласа „Против“.

Сега Предлог-законот ќе биде испратен на одобрување до американскиот Сенат. Доколку помине и тука, се очекува тој да пристигне до масата на претседателот Доналд Трамп на потпис.

Во неколку извештаи што се најдоа во медиумите се вели дека Кина во Автономниот Ујгурски Регион Синкјанг изградила кампови во кои ги присилува на работа Туркиските Ујгури.

Иако Кина се брани дека „сите луѓе во камповите завршија стручна обука и водат среќен живот“, се знае дека голем број луѓе кои ги напуштиле овие кампови, под присила работат во фабрики во кои постојат сериозни ограничувања.

- Контроверзните кампови во Автономниот Ујгурски Регион Синкјанг -

Меѓународната јавност во последните неколку години ги критикува нарушувањата на идентитетот и културата на Туркиските Ујгури во Кина.

Според податоците на Обединетите нации (ОН), најмалку 1 милион Туркиските Ујгури без своја волја се држат на места кои Пекинг ги нарекува „центри за стручна обука“, а меѓународната јавност ги опишува како „кампови за превоспитување“.

Администрацијата во Пекинг не дава информации за тоа колку логори се наоѓаат на подрачјето на Автономниот Ујгурски Регион Синкјанг, колку луѓе има во нив и колку од овие луѓе се вратиле во општествениот живот.

Длабока загриженост кај меѓународната заедница предизвикува фактот дека Кина не споделува јасни податоци за статусот во логорите, за кои тврди дека обезбедуваат курсеви за кинески јазик и стручни и културни курсеви за Ујгурите муслимани кои живеат во регионот.

Во јули 2019 година, 22 земји членки на Советот за човекови права на ОН потпишаа писмо во кое го критикуваат третманот на Кина кон Ујгурите и кон другите малцинства во Автономниот Ујгурски Регион Синкјанг и повикуваат на запирање на масовните притвори.

Додека ОН и другите меѓународни организации ги повторија своите барања камповите да бидат отворени за проверка, Кина досега на мал број странски дипломати и претставници на печатот им дозволи делумно да разгледаат неколку кампови што беа одредени од кинеска страна.

Кинеските власти го одбија барањето на официјалните лица на ОН за слободно испитување на регионот со цел добивање директни информации.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.