Во Австралија запален камион на кој беше поставено палестинско знаме и „Слободна Палестина“
„Ова е поттикнато од омраза. Насочено е кон некој што мирно протестира, што мирно го изразува своето право на слобода на говор“

ИСТАНБУЛ (АА) – Камион на кој билo поставено палестинското знаме и натписот „Слободна Палестина“ бил запален со Молотов коктел во западен Сиднеј, Австралија, а сопствениците веруваат дека нападот е политички мотивиран, јави „7Њуз“ вчера, пренесува Анадолу.
Снимка од безбедносна камера прикажува осомничен како се движи околу возилото пред да фрли Молотов коктел под него, по што камионот бил зафатен од оган. Напаѓачот потоа избегал пеш.
Камионот, кој веќе повеќе од две години носи слогани како „Слободна Газа“ и „Слободна Палестина“, предизвикувал контроверзии на интернет и често бил цел на закани.
Сопствениците изјавиле дека последната закана ја добиле во неделата, но ова е првпат возилото да биде оштетено.
„Ова е поттикнато од омраза. Насочено е кон некој што мирно протестира, што мирно го изразува своето право на слобода на говор“, рече еден од сопствениците.
Полицијата сè уште не потврдила дали нападот е политички мотивиран, наведувајќи дека истрагата е во тек.
Австралија на 21 септември официјално ја призна „независната и суверена држава Палестина“, објави премиерот Ентони Албаниз на платформата „X“.
Претходно, на 13 септември, првиот специјален пратеник на Австралија за борба против исламофобија, Афтаб Малик, истакна дека земјата „никогаш целосно не се соочила со исламофобијата“.
„Реалноста е дека исламофобијата во Австралија е постојана, понекогаш игнорирана, а понекогаш и негирана, но никогаш не се решавала целосно“, рече Малик.
Еврејскиот совет на Австралија вчера објави дека доставил 80 страници документи и повеќе од 2.700 потписи до Кабинетот на премиерот, барајќи санкции против Израел за да се „стави крај на геноцидот“ во Појасот Газа.
Советот во понеделникот објави соопштение во кое ја повикува австралиската Влада да воведе санкции врз израелските претставници, да ја прекине трговијата со оружје со Израел и да го повика Тел Авив на одговорност за неговите „очигледни кршења на меѓународното право“.