Владејачката партија во Јапонија формира нова коалиција, Такаичи на пат да стане првата жена премиер
Станува „речиси сигурно“ дека Такаичи ќе биде избрана за премиерка на гласањето во Парламентот утре – прва жена на оваа позиција од крајот на Втората светска војна

ТОКИО (АА) – Владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) на Јапонија и опозициската Партија за јапонски иновации (ЈИП) денес потпишаа договор за формирање коалиција, отворајќи ѝ пат на новоизбраната лидерка на ЛДП, Санае Такаичи, да стане првата жена премиерка во историјата на земјата, јавува Анадолу.
Договорот го потпишаа Такаичи и лидерот на ЈИП, Хирофуми Јошимура.
Со ова, како што јави „Кјодо њуз“, станува „речиси сигурно“ дека Такаичи ќе биде избрана за премиерка на гласањето во Парламентот утре – прва жена на оваа позиција од крајот на Втората светска војна.
Во своите први изјави по потпишувањето на пактот, Такаичи рече дека коалицијата со ЈИП претставува „голем чекор“ кон политичка стабилност во Јапонија.
Такаичи, која овој месец беше избрана за прва жена претседател на ЛДП, се соочи со почетен предизвик откако долгорочниот коалициски партнер на партијата, Комеито, ја прекина 26-годишната соработка.
Такаичи, тврдокорна конзервативка, има поддршка од 196 пратеници на ЛДП, но за да стане премиерка се потребни најмалку 233 гласови во Долниот дом на Парламентот, кој брои 465 члена.
Со поддршката од 35 пратеници на ЈИП, нејзиниот број на гласови се зголемува на 231.
Во Горниот дом, кој брои 248 членови, на Такаичи ќе ѝ бидат потребни уште четири гласа, покрај 19-те од ЈИП, за да обезбеди мнозинство.
Главната опозициска партија – Уставнодемократската партија на Јапонија – располага со 148 пратеници, Демократската партија за народот има 27, а поранешниот сојузник на ЛДП, Комеито, има поддршка од 24 пратеници.
Доколку ниту една друга партија или независен пратеник не гласа за Такаичи, или опозицијата не застане зад единствен кандидат, изборот за премиер најверојатно ќе оди во втор круг, каде што победата на кандидатот на ЛДП се смета за извесна.
Либерално-демократската партија владее со Јапонија речиси непрекинато веќе 75 години, со исклучок на шест години во тој период.
Доколку биде избрана, 64-годишната Такаичи ќе раководи со малцинска влада со надворешна поддршка од ЈИП, која достави листа од 12 барања, меѓу кои и намалување на бројот на пратенички места за 10 %.
Општите избори во земјата се закажани за октомври 2027 година, освен ако новата коалиција не одлучи да распише предвремени избори.