свет

Венеција - градот на љубовта, со богато културно наследство

Венеција е еден од најубавите градови во светот и се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО

Vesna Besic  | 15.02.2025 - Обновена : 17.02.2025
Венеција - градот на љубовта, со богато културно наследство

ВЕНЕЦИЈА (АА) - Венеција - градот на љубовта и карневалот, составен од 118 острови разделени со канали, е една од најатрактивните туристички дестинации во светот, јавува Анадолу.

Природните убавини, архитектурата, каналите, мостовите и културното и историското наследство ја прават Венеција една од најпосетуваните туристички дестинации во светот, во кое е роден познатиот музичар Антонио Вивалди.

Бреговите на вкупно 170 венецијански канали се поврзани со 400 поголеми и помали мостови, а самиот центар на градот го краси плоштадот Св. Марко, на кој се наоѓаат истоимената базилика и Дуждовата палата.

Секој агол на Венеција го отсликува минатото, особено во време на карневалите и маскенбаловите, кои магично ја оживуваат ерата на принцезите, витезите и љубовните врски.

Венеција е еден од најубавите градови во светот и се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО.

Едни од најатрактивните венецијански туристички места се Големиот канал, мостот Понте Риалто и базиликата Света Богородица, а за целосно доживање на убавините на градот што тоне, еден од условите е возење со гондола низ каналите.

Базиликата Св. Марко е доминантна зграда на истоимениот плоштад. Сигурно е дека спаѓа меѓу најубавите и најинтересните цркви во светот, а вниманието го привлекува со својот исклучителен изглед. Изградена е на почетокот на 9 век, а оттогаш повеќепати била уривана, градена, надградувана и менувана.

Големиот канал е полн со прекрасни палати, а една од најистакнатите меѓу нив е Ca' d'Oro (Златна куќа). Првично беше наречен Палата Света Софија, а подоцна новото име го стекнала поради богато украсената фасада, особено поради златните елементи на неа.

Зградата е нарачана од благородничкото семејство Контарини, познато по големиот број венецијански дуждови кои потекнуваат од неа. Изградбата траела десетина години, а била дизајнирана од Џовани и Бартоломео Бон, кои го своето име го стекнале работејќи на бројни познати венецијански градби, особено на Дуждовата палата.

Веднаш покрај раскошната базилика на Св. Марко, се наоѓа историскиот центар на политичката моќ во Венеција и еден од најпрепознатливите мотиви La Serenissima - Дуждова палата (Palazzo Ducale).

На таа локација, во почетокот на 9 век, за прв пат била изградена зграда која повеќе личела на тврдина, имајќи предвид дека имала високи кули и одбранбени ѕидини. Истата е уништена во пожар, по што следела реконструкција, за во новиот пожар што го зафатил објектот во 10 век да ја оштети и реновираната зграда. Не се знае точно како изгледал споменатиот замок, но постојат претпоставки дека како модел при изградбата била користена Диоклецијановата палата во Сплит.

Друга од главните атракции на Венеција е мостот Риалто (Ponte di Rialto). Меѓу многуте мостови што ги премостуваат венецијанските канали овој е најпознатиот и најзначајниот.

На таа локација постоел понтонски мост уште кон крајот на 12 век, а набрзо бил заменет со дрвена верзија. Следеле неколку „нови“ дрвени верзии, за во 16 век да се појави идејата за камен мост, која била реализирана кон крајот на тоа столетие. Изградбата траела три години, од 1588 до 1591 година, а градител е Антонио да Понте.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın