свет

Билансот на загинати во трагедијата во ноќниот клуб во Доминиканската Република достигна 124

Меѓу жртвите се и гувернерката на провинцијата, Нелси Круз, познатиот меренге пејач, Руби Перез, кој настапуваше во клубот во Санто Доминго, и двајца познати поранешни бејзбол играчи Октавио Дотел и Тони Бланко

Laura Gamba Fadul  | 09.04.2025 - Обновена : 10.04.2025
Билансот на загинати во трагедијата во ноќниот клуб во Доминиканската Република достигна 124

БОГОТА

Најмалку 124 лица загинаа, а 155 се повредени при уривање на покрив на ноќен клуб во Доминиканската Република, објавија денес официјални претставници, јавува Анадолу.

Меѓу жртвите се и гувернерката на провинцијата, Нелси Круз, познатиот меренге пејач, Руби Перез, кој настапуваше во клубот во Санто Доминго, и двајца познати поранешни бејзбол играчи Октавио Дотел и Тони Бланко. Властите соопштија дека Дотел, кој играше за Њујорк Метс, бил извлечен од урнатините но починал на пат кон болница.

Во несреќата загина и синот на министерот за јавни работи и комуникации.

Трагедијата се случи вчера за време на настапот на Перез, кој започна нешто пред полноќ. Покривот попуштил речиси еден час подоцна.

На видеата снимени во клубот се гледа како Перез пее на сцената додека маж кој снима забележува дека „нешто паѓа од таванот“.

Потоа се гледа Перез како гледа кон посоченото место пред да се слушне силен шум и снимањето завршува.

Властите продолжуваат со потрагата по преживеани.

Спасувачки тимови од Порторико и Израел денес се вклучија во напорите за пребарување, јавија властите.

Хуан Мануел Мендез, шеф на оперативниот центар за итни случаи на земјата, истакна дека спасувачите имаат уште 24 до 36 часа за да лоцираат евентуални преживеани под урнатините.

Причината за големиот колапс во ноќниот клуб не е позната.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.