свет

Армијата повикана да ги смири протестите во Непал во кои загинаа најмалку 14 лица

Најмалку 123 лица се повредени, а болниците се преполни

Berk Kutay Gökmen  | 08.09.2025 - Обновена : 08.09.2025
Армијата повикана да ги смири протестите во Непал во кои загинаа најмалку 14 лица Фото: Sunil Pradhan/АА

ИСТАНБУЛ (АА) – Непал денес ја распореди војската поради смртоносните судири меѓу демонстрантите и полицијата поради забраната за социјалните медиуми и наводната корупција, во кои загинаа најмалку 14 лица, пренесува Анадолу.

„Одлуката дојде откако демонстрантите влегоа во забранетите зони и во просториите на Федералниот Парламент“, што доведе до воведување на полициски час, објави „Хималајан тајмс“.

Најмалку 123 лица се повредени, а болниците се преполни, јави веб-страницата за вести „МајРепублика“.

Надлежните сè уште немаат издадено официјално соопштение за бројот на жртви.

Седум демонстранти донесени во Националниот центар за траума починаа, додека 10 се во критична состојба со прострелни рани во главата и градите, изјави болничкиот претставник д-р Дипендра Пандеј за непалскиот весник на англиски јазик „Катманду пост“.

Повеќе од 20 демонстранти се на лекување.

Тројца демонстранти починаа во болницата „Еверест“, каде што повеќе од 50 други се на лекување, а четворица се во критична состојба.

Други четворица се донесени мртви во различни болници, а идентитетите на починатите сè уште не се потврдени.

Властите воведоа полициски час во главниот град Катманду по смртоносните протести.

Демонстрантите од „Генерацијата З“ ги пробија полициските барикади. Тие се искачија преку портите на Парламентот додека безбедносните сили одговорија со солзавец и водни топови за да ги растераат демонстрантите, кои претходно ветија дека ќе останат мирни.

Демонстрантите протестираа во Катманду, Покара, Бутвал, Биратнагар и други градови против наводната корупција и забраната за социјалните мрежи.

Минатата недела, Непал презеде чекори кон блокирање на главните платформи на социјалните медиуми откако не успеаја да се регистрираат кај Владата.

Министерството за комуникации и информатичка технологија ја издаде забраната откако им даде на компаниите седум дена од 28 август да се регистрираат.

Меѓу блокираните платформи се американската компанија „Мета“, „Фејсбук“, „Инстаграм“, како и „Ватсап“, заедно со „Јутјуб“, американската компанија за социјални медиуми „X“, „Редит“ и „ЛинкедИн“.

Се вели дека блокадaта ќе бидe повлечена откако компаниите ќе се регистрираат кај надлежните власти.

Главната опозициска партија во Непал ја критикуваше одлуката.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.