ОН: До 2050 година во светот ќе живеат 9,8 милијарди луѓе
Во извештајот на Економскиот и социјален совет на ОН се наведува дека бројот на жителите во светот секоја година се зголемува за 83 милиони лица

New York
ЊУЈОРК (АА) - Светското население кое моментално достигнува бројка од 7,6 милијарди, ќе се зголеми на 9,8 милијарди до 2050 година и на 11,2 милијарди до 2100 година, се наведува во последниот извештај на ОН, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на Економскиот и социјален совет на ОН се наведува дека бројот на жителите во светот секоја година се зголемува за 83 милиони лица, а се очекува дека тој тренд на раст ќе продолжи и покрај континуираниот пад на стапката на наталитетот.
Според проекциите, се очекува за седум години Индија да ја надмине Кина по бројот на жители. Во Индија сега живеат околу 1,3 милијарди лица, а во Кина 1,4 милијарди.
Нигерија до 2050 година, исто така, би можела да ги престигне САД по бројот на жителите, со што би станала трета најнаселена земја во светот.
Во истиот период се очекува бројот на жителите во 26 африкански земји да се удвои.
„Населението во Африка е познато по брзата стапка на раст и се очекува дека повеќе од половина од растот на светското население до 2050 год ќе се случи во тој регион. Од друга страна, се очекува бројот на населението во Европа во наредните децении да се намали“, изјави Џон Вилмут, директор на Одделот за население.