политика

Локални избори во Северна Македонија: Владејачките партии со најголем успех

Според податоците на ДИК, од 99,94 отсто преброени гласови ВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалници во 53 општини, избрани уште во првиот круг

Elena Trenchevska Chekovic  | 20.10.2025 - Обновена : 20.10.2025
 Локални избори во Северна Македонија: Владејачките партии со најголем успех Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) - Според првичните резултати објавени од Државната изборна комисија (ДИК), на локалните избори во Северна Македонија во повеќето општини водат владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ВЛЕН пред опозициските партии Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и Национална алијанса за интеграција, пренесува Анадолу.

Според податоците на ДИК, од 99,94 отсто преброени гласови ВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалници во 53 општини, избрани уште во првиот круг, коалицијата ВЛЕН во девет општини, СДСМ во осум општини, коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) предводена од ДУИ, во пет општини, Демократската партија на Турците, Движењето ЗНАМ и Сојузот на Ромите со по една општина, како и двајца независни кандидати, Менди Ќура во Струга и Азем Садики во Студеничани.

Во трката за Град Скопје, од 41,47 отсто обработени гласови, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ води со 39,43 отсто од гласовите, а по него се Амар Мециновиќ (Левица) со 13,20 отсто, Каја Шукова (СДСМ) со 11,50 отсто и Скендер Реџепи (НАИ) со 11,22 отсто.​​​​​​​

На овие локални избори, според последните податоци на ДИК, 46,65 проценти од граѓаните го оствариле своето право на глас.

Според ДИК, 1.832.415 граѓани се со право на глас за избор на градоначалници и членови на општински совети низ целата земја на овие локални избори.

За градоначалници се натпреваруваа 309 кандидати, а за општинските совети беа поднесени 576 листи со вкупно 10.490 кандидати.

На овие избори учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидати.

По вчерашниот прв круг ќе следува втор круг од изборите на 2 ноември во општините каде што ниту еден кандидат за градоначалник нема освоено повеќе од 50 отсто од гласовите во првиот круг, во тој случај двајцата кандидати со најмногу гласови продолжуваат во вториот круг.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.