политика

Поради преговорите со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од премиерот Заев

Лидерот на опозициската партија рече дека Заев води тајни преговори, додавајќи дека погрешната политика на сегашната влада довела до ситуација кога треба да се избере помеѓу асимилација и интеграција, и притоа го повика Заев да си поднесе оставка

Abdula Berisha   | 01.12.2020
Поради преговорите со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од премиерот Заев Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) - Македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ организираше протест денес во Скопје во знак на револт во врска со преговорите што Владата на Северна Македонија ги води со Бугарија за спорот поврзан со културно-историските прашања меѓу двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).

Под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“, протестот беше организиран со блокирање на улиците со возила пред Владата на Северна Македонија и Министерството за надворешни работи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека ова се историски моменти за македонската нација и држава.

Тој ја обвини Владата предводена од премиерот Зоран Заев дека со Договорот за добрососедство потпишан со Бугарија во 2017 година, дозволил да се оспори коренот на македонскиот јазик и историските факти и тоа да стане критериум за полноправно членство во Европската Унија (ЕУ).

„Тоа никогаш нема да претставува договор којшто ќе ја донесе Македонија во рамките на обединета Европа и дел од европското семејство, туку напротив, претставува алатка на тие што се внатре континуирано да вршат уцена и терор врз македонскиот народ, нација и држава“, рече Мицкоски.

Според него, тоа не го разбрал премиерот Зоран Заев, кого го нарече „политички аматер“.

„Само политички аматер може да потпише еден таков договор во којшто историјата ќе биде критериум за напредок на државата во процесот на полноправно членство во рамките на Европската Унија“, додаде Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија рече дека Заев води тајни преговори, додавајќи дека погрешната политика на сегашната влада довела до ситуација кога треба да се избере помеѓу асимилација и интеграција, и притоа го повика Заев да си поднесе оставка.

Мицкоски рече дека неговата партија нема да почитува ниту еден потпишан документ доколку во него се споменува прашањето за идентитетот на македонскиот народ или се негира македонското малцинство во Бугарија, најавувајќи протести и за утрешниот ден.

Тој, исто така, апелираше до земјите членки на ЕУ да ги држат „неевропските и измислените спорови“ надвор од процесот на интеграција, додавајќи дека во спротивно ќе се докаже лицемерието дека „истите критериуми не важат за сите“.

Потсетуваме дека Бугарија на 17 ноември стави вето за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Премиерот Заев деновиве рече дека земјата прави сè за да ги реши отворените прашања, надевајќи се дека тоа ќе се случи пред состанокот на Европскиот совет, што е закажан да се одржи на 10-11 декември.

Сепак, Заев истакна дека македонскиот идентитет и јазик не се тема на преговори.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın