Локални избори во Северна Македонија: Во првиот круг избрани градоначалници во 43 општини
Државната изборна комисија (ДИК) ги објави првичните официјални резултати од локалните избори кои се одржаа на 19 октомври, според кои излезноста на граѓаните изнесува 46,63 отсто, односно гласале вкупно 854.620 граѓани
СКОПЈЕ (АА) – Гласањето на локалните избори во Северна Македонија за избор на градоначалници во првиот круг е завршено во 43 општини во земјата, во 33 општини ќе има втор круг гласање, додека во 4 општини ќе има повторување на првиот круг поради недоволен цензус, јавува Анадолу.
Државната изборна комисија (ДИК) синоќа ги објави првичните официјални резултати од локалните избори кои се одржаа на 19 октомври, според кои излезноста на граѓаните изнесува 46,63 отсто, односно гласале вкупно 854.620 граѓани.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, истакна дека според примените записници, во 33 општини на 2 ноември ќе има втор изборен круг за избор на градоначалник. Втор круг ќе има и за градоначалник на Град Скопје во кој влегуваат Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица.
Градоначалници во прв круг се избрани во Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Штип, Арачиново, Желино, Сарај, Теарце, Чаир, Богданци, Крива Паланка, Кривогаштани, Липково, Пласница, Чашка.
ВМРО-ДПМНЕ победи во општините Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица и во Штип.
Коалицијата ВЛЕН ќе има свои градоначалници во Арачиново, Желино, Сарај и во Теарце.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) освои градоначалнички места во првиот круг во Богданци, Крива Паланка и во Кривогаштани.
Националната алијанса за интеграција (НАИ) во првиот круг победи во Пласница, Липково и во Чашка.
Во општините каде што не е исполнет законскиот минимум за излезност, според ДИК, ќе се повтори првиот круг на гласање во рок од 60 дена од денот на објавување на конечните резултати, тоа се Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа.
Во втор круг ќе се гласа во Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Чешиново-Облешево, Боговиње, Дебар, Долнени, Тетово, Крушево, Лозово, Росоман, Центар, Чучер Сандево, Струга, Шуто Оризари, Куманово, Студеничани и Град Скопје.
Кондарко додаде дека во вториот изборен круг за победник ќе се смета кандидатот кој ќе освои повеќе гласови, без цензус.
ДИК ги соопшти и освоените советнички мандати на локалните избори по општини.
Инаку, на изборите во неделата за градоначалници се натпреваруваа 309 кандидати, а за општинските совети беа поднесени 576 листи со вкупно 10.490 кандидати.
На изборите учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидати.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
