политика

Заев: „Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина“

Премиерот Заев заедно со својот грчки колега Алексис Ципрас, учествуваше на панелот во рамките на Минхенската конференција за безбедност

Ekipa   | 16.02.2019
Заев: „Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина“ Фото: Влада на РСМ

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денес истакна дека регионот на Западен Балкан е регион кој се менува, и кој станува сѐ повеќе европски, испраќајќи позитивни пораки и за другите, пренесува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Заев заедно со својот грчки колега Алексис Ципрас, учествуваше на панелот во рамките на Минхенската конференција за безбедност со наслов „Разговор со добитниците на наградата „Евалд Фон Клајст“, што ја доделува Минхенската конференција.

Оваа награда годинава им е доделена на двајцата премиери за нивниот особен придонес за мирот и безбедноста во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса.

Панелот, на кој говор одржаа и премиерите Заев и Ципрас, беше посветен на иднината на Западен Балкан.

Како што соопшти Владата на Република Северна Македонија, премиерот Заев на панелот истакнал дека регионот на Западен Балкан е регион кој се менува, кој станува сѐ повеќе европски и кој испраќа позитивни пораки и за другите.

„Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина, вредеше“, истакнал премиерот Заев на панелот, додавајќи дека Преспанскиот договор е достоинствено и прифатено решение за двете страни, се вели во соопштението на Владата.

Од Владата информираат дека премиерот Заев на панелот нагласил дека низ целиот процес доминирала добрата и силна политичка волја да се најде решение, и дека токму таа посветеност помогнала да се препознае дека компромисот е вештина која овозможува, и дека невозможното може да биде возможно.

Од друга страна, грчкиот премиер Алексис Ципрас на панелот нагласил дека историјата не ја пишуваат оние кои шират страв, туку оние кои се охрабруваат и создаваат решенија за генерациите што доаѓаат.

Ципрас нагласил дека тој заедно со премиерот Заев ја избрале вистинската страна на историјата.

Вечерва на двајцата премиери свечено ќе им биде доделена наградата „Евалд Фон Клајст“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın