наука и технологија

„СпејсЕкс“ успешно ја лансираше својата 11-та ракета „Старшип“

„Старшип“, која се смета за најмоќното летало некогаш изградено, изведе едночасовен пробен лет, со што беше потврден нејзиниот повторно употреблив дизајн, предвиден да се користи во идните мисии Артемис на НАСА за летови до Месечината.

Darren Lyn  | 14.10.2025 - Обновена : 14.10.2025
„СпејсЕкс“ успешно ја лансираше својата 11-та ракета „Старшип“

ХЈУСТОН (АА) – Компанијата „СпејсЕкс“ успешно ја лансираше 11-тата ракета „Старшип“ од базата „Старбејз“ во Бока Чика, Тексас, објавија американските медиуми, пренесува Анадолу.

„Старшип“, која се смета за најмоќното летало некогаш изградено, изведе едночасовен пробен лет, со што беше потврден нејзиниот повторно употреблив дизајн, предвиден да се користи во идните мисии Артемис на НАСА за летови до Месечината.

„Уште еден голем чекор кон слетување на Американци на јужниот пол на Месечината“, објави вршителот на должноста администратор на НАСА, Шон Дафи, на платформата на американската компанија за социјални медиуми X.

Тој додаде дека напредокот што „СпејсЕкс“ го покажал со овој тест е од клучно значење за мисиите „Артемис 2“ и „Артемис 3“, со цел САД да ја надминат Кина во трката за враќање на Месечината.

Ова беше втора последователна успешна тест-мисија на прототипот „Старшип верзија 2“, по успешното лансирање во август.

Претходните три мисии на истиот модел завршија со неуспеси во лет или експлозии за време на тестирањето на земја.

„Старшип“ претставува централна компонента во новата вселенска трка меѓу САД и Кина, со цел развој на летало кое ќе може да изврши слетување на Месечината до 2027 година во рамките на програмата на НАСА.

Еден од најголемите технички предизвици е безбедното враќање на леталото при повторното влегување во атмосферата, кога температурата достигнува над 1.400 Целзиусови степени. Компанијата има цел „Старшип“ да може безбедно да слета и повторно да се користи, со што ќе се намалат трошоците на идните мисии.

„Старшип“ е висока 121 метар и развива сила од 7.590 тони при полетување, што ја прави најмоќната ракета во историјата.

Со својата големина и сила, ракетата „Старшип“ се очекува значително да ја намали цената за транспорт на товар во вселената, што е клучно за идните мисии на Месечината и за визиите за колонизација на Марс.

Вчерашниот лет беше последната тест-мисија на прототипите од втората верзија, а од „СпејсЕкс“ најавија дека следната проба ќе биде со новиот модел „Старшип верзија 3“.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.