наука и технологија

Според истражувањата, 3.000 чекори дневно можат да го забават напредувањето на Алцхајмеровата болест

„Ги охрабруваме повозрасните лица со ризик од Алцхајмерова болест да направат мали, но постојани промени во нивото на физичка активност – за да изградат навики што ќе го заштитат мозокот и когнитивното здравје“

Fatma Zehra Solmaz  | 04.11.2025 - Обновена : 05.11.2025
Според истражувањата, 3.000 чекори дневно можат да го забават напредувањето на Алцхајмеровата болест

ИСТАНБУЛ (АА) - Според наодите од 14-годишната студија во САД, правењето само 3.000 чекори дневно може да им помогне на постарите возрасни лица што се изложени на ризик од Алцхајмерова болест да ги одложат когнитивниот пад и штетните промени во мозокот, јавува Анадолу.

Во студијата, спроведена од истражувачите во болницата „Мас Џенерал Бригам“ во Бостон и објавена во „Нејчр Медисин“, биле следени 296 возрасни лица на возраст од 50 до 90 години што на почетокот не покажале знаци на когнитивно оштетување.

Учесниците биле следени во текот на 14 години со помош на когнитивни тестови, податоци од педометар и скенирање на мозокот.

Резултатите покажале дека оние што пешачеле меѓу 3.000 и 5.000 чекори дневно имале забавено когнитивно влошување за околу три години, а кај лицата што чекореле од 5.000 до 7.000 чекори дневно, влошувањето било одложено дури до седум години.

„Ги охрабруваме повозрасните лица со ризик од Алцхајмерова болест да направат мали, но постојани промени во нивото на физичка активност – за да изградат навики што ќе го заштитат мозокот и когнитивното здравје“, изјави д-р Ваи-Јинг Јау од болницата „Мас Џенерал Бригам“, цитирана од „Гардијан“.

Деменцијата погодува околу 50 милиони луѓе во светот, а Алцхајмеровата болест е нејзина најчеста форма.

Болеста е поврзана со две штетни протеински наслојки во мозокот – амилоид-бета, кој создава лепливи наслојки меѓу нервните клетки, и тау-протеин, кој формира јазли во внатрешноста на клетките и ја нарушува нивната функција.

Лицата со ниски нивоа на амилоид на почетокот на студијата речиси не покажале когнитивно опаѓање, а кај оние со повисоки нивоа, поголемата дневна физичка активност била поврзана со побавно влошување и одложено натрупување на тау-протеин.

Лицата што постојано седат, според студијата, покажале многу побрз когнитивен пад.

Истражувачите нагласуваат дека физичката активност има ефект на заштита, иако не можат целосно да исклучат можност дека раните симптоми на Алцхајмерова болест доведуваат до намалена активност.

„Потребни ни се дополнителни клинички испитувања за да докажеме причина и последица, но охрабрува фактот дека физичката активност може да ја смени насоката на развојот на болеста“, рече Јау, додавајќи дека лицата со високи нивоа на амилоид „може да имаат побавно когнитивно влошување ако се физички поактивни“.

Научниците сè уште не знаат целосно зошто вежбањето е толку корисно, но подобрениот проток на крв, намаленото воспаление и влијанието врз хормоналните нивоа може да играат значајна улога.

„Тоа е прашање од милион долари на кое сакаме да дадеме одговор во идните истражувања“, додаде Јау.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.