свет, наука и технологија

Италија: Блокиран пристапот до кинеската апликација за вештачка интелигенција „ДипСик“ поради загриженост за приватноста

- Регулаторното тело им наложи на компаниите Хангжу ДипСик ВИ и Пекинг ДипСик ВИ, кои стојат зад услугата за виртуелен асистент, веднаш да престанат да ги обработуваат податоците на италијанските корисници.

Muhammed Yasin Güngör  | 31.01.2025 - Обновена : 03.02.2025
Италија: Блокиран пристапот до кинеската апликација за вештачка интелигенција „ДипСик“ поради загриженост за приватноста

ИСТАНБУЛ (АА) – Италијанската Агенција за заштита на податоците (ГПДП) вчера го блокираше пристапот до кинеската апликација за вештачка интелигенција (ВИ) „ДипСик“ (DeepSeek), со цел заштита на податоците на корисниците во земјата, јавува Анадолу.

Регулаторното тело, исто така, им наложи на компаниите Хангжу ДипСик ВИ и Пекинг ДипСик ВИ, кои стојат зад услугата за виртуелен асистент, веднаш да престанат да ги обработуваат податоците на италијанските корисници.

Одлуката беше донесена по процената на компаниите за тоа какви лични податоци собираат и која е правната основа за нивно собирање.

„Наредбата за ограничување – донесена за заштита на податоците на италијанските корисници – следува по денешната комуникација со компаниите, чија содржина беше оценета како целосно незадоволителна“, соопшти вчера Агенцијата за заштита на податоците.

Покрај ограничувањето на обработката на податоци, ГПДП започна и формална истрага за кинеската технолошка стартап компанија „ДипСик“.

Овој потег е сличен на истрагата што ГПДП ја отвори во март 2023 година за американската компанија ОупенАи со нејзиниот „ЧетЏПТ“ (ChatGPT), кој исто така се соочи со привремени ограничувања поради слична загриженост за приватноста.

„ДипСик“ го претстави својот нискобуџетен, отворен модел ДипСик-Р1 на 20 јануари.

Моделот, развиен со помалку чипови, претставува предизвик за доминацијата на Западот во областа на вештачката интелигенција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.