Гугл ги откри плановите за изградба на центри за податоци со вештачка интелигенција во вселената
- „Нашиот нов истражувачки проект, наречен Проект Санкечер, предвидува компактни констелации од сателити на соларна енергија кои ќе носат Гугл ТПУ-процесори и ќе бидат меѓусебно поврзани со оптички линкови“
ИСТАНБУЛ (АА) – Компанијата Гугл ги објави своите планови за изградба на центри за податоци со вештачка интелигенција во вселената, при што првата пробна опрема треба да биде испратена во орбитата во почетокот на 2027 година, јавува Анадолу.
„Наместо да пренесуваме енергија од вселената кон Земјата, ние предлагаме иднина што вклучува вселенски центри за машинско учење составени од многу сончево напојувани сателити поврзани преку оптички врски во слободен простор“, соопшти компанијата во истражувачки извештај објавен денес.
Научниците и инженерите на Гугл веруваат дека кластер од околу 80 сателити, напојувани со сончева енергија и опремени со напредни процесори, би можел да се позиционира на околу 644 километри над Земјата за да ја задоволи растечката глобална побарувачка за вештачка интелигенција.
„Нашиот нов истражувачки проект, наречен Проект Санкечер, предвидува компактни констелации од сателити на соларна енергија кои ќе носат Гугл ТПУ-процесори и ќе бидат меѓусебно поврзани со оптички линкови“, стои во соопштението на компанијата.
Со оглед на брзиот пад на трошоците за лансирање на сателити, Гугл проценува дека до средината на 2030-тите, трошоците за управување со вселенски центар за податоци би можеле да бидат приближно исти како за земјен центар.
Истражувањето исто така укажува дека ваквите центри би можеле значително да го намалат влијанието врз земјините ресурси, како што се земјиштето и водата.
Центрите во орбитата би се напојувале со соларни панели што можат да генерираат до осум пати повеќе енергија од оние на Земјата.
Експертите додаваат дека соларната енергија од вселената би можела да стане најефикасен начин за задоволување на огромните енергетски потреби на вештачката интелигенција.
Минатата недела, Илон Маск, извршен директор на Старлинк и Спејс екс, објави дека неговите компании исто така планираат проширување на напорите за изградба на центри за податоци во вселената.
