свет

„Се наоѓаме на највисоко ниво во односите со земјите од Африка“

„Се наоѓаме на највисоко ниво кога станува збор за политичка визија и заедничко движење. Со африканските земји сме заедно на меѓународни платформи. Препорачуваме да се гледа на Африка од нејзините добри страни", рече амбасадорот Ахмет Риза Демирер.

Mehmet Kara, Zuhal Demirci  | 28.05.2018 - Обновена : 29.05.2018
„Се наоѓаме на највисоко ниво во односите со земјите од Африка“

Ankara

АНКАРА (АА) - МЕХМЕТ КАРА / ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ -

Генералниот директор за Африка во Министерството за надворешни работи на Турција, амбасадорот Ахмет Риза Демирер, во врска со политичката и трговска соработка меѓу Турција и Африка, која во последните години е во пораст, истакна дека нивните два најважни принципи се вин-вин политиката во односите со Африка, и решавање на проблемите на Африка со африкански решенија.

Демирер, по повод 25 Мај - Денот на Африка, одговори на прашањата на новинарот на Anadolu Agency (AA), кој нагласи дека Африка во 21. век ќе заземе повеќе место на светската агенда, но, како што рече тој, треба да се реализира еден балансиран и брз раст.

Тој додаде дека Африка е континент каде што Турција во својата борба против терористичката организација ФЕТО постигна најголем напредок.

Прашањата што ги постави новинарот на АА, и одговорите што ги даде генералниот директор за Африка во Министерството за надворешни работи на Турција, Демирер се следни:

ПРАШАЊЕ: Забележуваме пораст во положбата и видливоста на Африка на светската агенда и политика. Колку се вистинити зборовите „Африка во пораст“, и дали постои шанса 21. век да биде век на Африка?

ОДГОВОР: Без сомнение дека Африка ќе биде во фокусот на 21-от век. Но, тешко е да се каже дека сите аспекти од ова ќе бидат позитивни. Тоа ќе биде век на Африка, бидејќи овој континент остана назад, и е оставен назад. Африка не успеа да ги стигне другите континенти. Овој простор дефинитивно мора да биде затворен. За ова не постои друга опција или алтернатива. На пример, сите меѓународни организации што го водат денешниот светски поредок се формирани по Втората светска војна. Додека тие се формираа, скоро сите африкански земји беа колонизирани. Африка мора да има право на збор во овие организации. Во 21 век, Африка дефинитивно ќе го преземе местото што ѝ припаѓа.

Второ, Африка остана назад во споредба со другите контитенти. Таа е континент кој има природни богатства и човечки ресурси. Африка има и искуство. Иако е малку позната, Африка е лулка на човештвото. Постојат 54 земји на континентот, но исто така и стотици различни култури. Сето тоа е нејзино богатство. Додека светското население се балансира, во наредните години само во Африка ќе има голема млада популација. Африка ќе се развие, но потребно е тоа брзо да се случи. Треба да најде работа за зголемената млада популација, да обезбеди образование. Треба да обезбеди здравствени услуги за народот. Ризикот во овој случај е тоа што Африка треба да фати брз и балансиран раст. Африка има можности да го постигне тоа. Државните структури во овие земји се посилни во споредба со минатото.

ПРАШАЊЕ: Турција, особено во последните 10 години, постигна значителен напредок во односите со Африка. Беа потпишани бројни политички и трговски договори. Во овој контекст, какви се параметрите и принципите кои Турција ги спроведува во политиката кон Африка?

ОДГОВОР: Нашите два најважни принципа се вин-вин политиката во односите со Африка, и решавање на проблемите на Африка со африкански решенија. Африка има вековно искуство. За решенијата што се спроведени во некои делови на светот, нема гаранција дека ќе бидат успешни и во Африка. Сметаме дека проблемите не можат да се решат однадвор, туку во консултација со луѓето од Африка. Ако Африканците нудат решение, ние мислиме дека тоа треба да се реализира. Додека ја одредуваме нашата политика кон Африка, исто така гледаме каква визија, стратегија и решение развива Африканската Унија. Ова е наша појдовна точка. Ние имаме принцип да делуваме заедно и во соработка со Африканците. Треба да има балансирана и одржлива соработка. Сакаме тоа да придонесе во таа земја.

ПРАШАЊЕ: Како започна процесот на отворање на Турција кон Африка и низ кои нивоа помина додека дојде на денешно ниво?

ОДГОВОР: Со Африка имаме односи кои траат со векови. Ова сигурно ни дава мотивација. Материјалните можности за отворање кон Африка ги добивме во 2000-те години. Постоеше вистинско присуство во периодот на колонијализам. Земјите како Кина, Бразил и Австралија кои се занимаваа со рударство станаа големи актери. Индија беше друг актер во источниот и јужниот дел на континентот. Кога отидовме таму, сакавме да покажеме дека сме различни. Сакаме да понудиме различно разбирање, а не конкуренција. Ние брзо се здруживме во политичка смисла, благодарение на нашите историски односи.

Се наоѓаме на највисоко ниво кога станува збор за политичка визија и заедничко движење. Со африканските земји сме заедно на меѓународни платформи. Препорачуваме да се гледа на Африка од нејзините добри страни. И тоа е она што земјите од Африка го забележаа во нашата земја. Додека земјите се развиваат, се олеснуваат и решенијата на другите проблеми. Во Африка има многу позитивни работи. Ако овие односи не се зајакнат со трговија, економија и развој, тогаш не е возможна соработка која ќе продолжи со политички односи. Затоа, нашиот главен приоритет е зголемување на економските и трговски активности. Двете страни ќе имаат корист од тоа. Ќе покажеме присуство и во областа на културата.

Во Турција, со цел да се развие поинаква свест за Африка, 2005 година беше прогласена за година на Африка. Во 2008 година Африканската Унија нè прифати како стратешки партнер, а потоа беше организиран првиот самит. Вториот самит се одржа во 2014 година, а третиот е планиран да се одржи следната година во Турција. Од 2009 година почнаа да се отвораат амбасади, со тоа што се зголеми интензитетот на посетите на високо ниво.

Се зголеми и бројот на состаноците на Заедничките економски комисии, како и на деловните совети помеѓу Турција и Африка. Во исто време се зголеми и интересот на „Туркиш ерлајнс“ и се зајакна присуството на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).

ПРАШАЊЕ: Во Источна и Северна Африка има сериозна соработка. Но, се забележува дека на југот на Африка не се реализираат интензивни активности како во другите региони. Дали на краток и долг рок ќе има насочување кон земјите од Јужна Африка?

ОДГОВОР: Иако се менува со години, најважниот партнер на Турција во Африка е Јужноафриканската Република. Во изминатите 10 години постигнавме значаен напредок. Сите земји се приоритетни, но ние започнавме со оние што се поблиску до нас од географски аспект, и напредуваме. Иако се чини дека сме помалку присутни таму, нашите цели кон јужните делови на Африка не се менуваат. Следната посета на претседателот Реџеп Таип Ердоган на африканскиот континент ќе биде токму на регионот на Јужна Африка.

ПРАШАЊЕ: Во Африка се отворени бројни нови дипломатски мисии, но постојат некои земји во кои сè уште нема амбасади. Дали во блиска иднина имате планови да отворите нови мисии во овие земји?

ОДГОВОР: Неодамна отворивме амбасади во Сиера Леоне и Екваторска Гвинеја. Можно е оваа година да отвориме и во Бурунди. Претседателот Ердоган издаде наредба за отворање амбасади во сите африкански земји. Сметаме дека во наредните години бројот на нашите амбасади во Африка ќе достигне 50. Сакаме да отвориме амбасади во сите 54 земји во Африка. Во моментов имаме амбасади во 41 земја, а нашата цел е да го комплетираме овој број во сите земји во наредниот период.

ПРАШАЊЕ: Со Договорот за Африканска континентална слободна трговска зона (AfCFTA) кој е потпишан во март и има значајни економски цели за Африка, овој континент сака да направи еден голем скок. Како Турција го оценува овој договор?

ОДГОВОР: Зголемувањето на економскиот и трговски обем е корисно за сите актери. Многу е мала надворешната трговија помеѓу африканските земји. Со овој договор постои цел да се зголеми внатрешниот трговски обем. Доколку зајакнат економиите, ќе зајакнат и земјите.

Ако се зголеми трговијата меѓу африканските земји, тоа не значи дека ќе се намалат економските односи со Турција, напротив зголемениот внатрешен трговски обем на Африка ќе создаде нови можности. Ова е неопходно за вработување на зголемената млада популација. Турција внимателно го следи овој договор, кој е многу значаен за Африка.

ПРАШАЊЕ: Каков напредок е постигнат во Африка кога станува збор за борбата на Турција против терористичката организација ФЕТО? Дали мислите дека добивате доволно поддршка?

ОДГОВОР: Африка е континент каде што сме направиле најголем напредок во борбата против ФЕТО. Овие земји тука ја забележаа опасноста. Имајќи предвид дека структурите и темелите им се повеќе кршливи, тие сакаа да соработуваат со нас. Образовните установи на ФЕТО и се предадени на Турската фондација „Маариф“. Овие училишта ќе бидат пример за други земји.

„Маариф“ моментално има повеќе од 90 училишта и околу 80.000 ученици. ФЕТО инвестираше во училишта бидејќи е полесно да се злоупотреби областа на образованието. Исто така, менаџираа и бизниси како болници. Со приходите што ги добија од тука, се обезбедуваат финансии за тероризам и за активности против Турција.

ПРАШАЊЕ: По настанатите случувања во последните години, која е перцепцијата на Африка кон Турција?

ОДГОВОР: Постои позитивен имиџ за Турција низ Африка. Со сите земји на овој континент имаме поинакво историско минато. Иако односите со овие земји не се на исто ниво, генерално нема негативна перспектива за Турција. Африканските земји многу добро ги знаат интересите во економските и политички односи. Земјите на овој континент ги следат случувањата во светот и се движат кон сопствените интереси.

ПРАШАЊЕ: Кои се целите на Турција во Сомалија, каде што се наоѓа најголемата база за воена обука на Турција надвор од нејзините граници? Кој е ставот на земјите во регионот за оваа воена база?

ОДГОВОР: За нас, Сомалија не е зона на конкуренција. Во Сомалија не сме конкуренција со ниту една земја. Сомалија е многу важна земја за нас. Турција ја промени судбината на оваа земја. Ние сакаме оние земји што нè гледаат како конкуренција во Сомалија да работат на развивање и градење мир и благосостојба во оваа земја. Нашата воена база е таму за поддршка на безбедноста, развојот и поделбата на хуманитарна помош. Во Сомалија веќе 30 години има сериозен проблем во управата.

Оваа земја има многу квалитетни луѓе, и има големо историско искуство. Потребни се безбедносни сили и армија со цел да се овозможи безбедност. Вооружената милиција, како и локалните сили и силите при државата покажуваат присуство веќе 30 години. Затоа Сомалија има потреба од национална армија. Нашата база за воена обука таму продолжува со активности за формирање национална армија по барање на Сомалија, и за обучување војници и офицери. Немаме цел да ја држиме армијата под наша контрола. Обучените војници ќе служат во националната армија на Сомалија.

ПРАШАЊЕ: Знаеме дека Турција врши реставраторски работи на целиот остров Севакин, кој има посебно место во отоманската историја и во билатералните односи со Судан. Која е последната состојба на островот?

ОДГОВОР: Островот Севакин е важен за нас и за Судан, бидејќи островот ќе стане културна и туристичка дестинација. Ние ќе го заштитиме нашето историско присуство на островот и ќе го обезбедиме откривањето на старите цивилизации. Претходно, направивме реновирање на некои згради, но сега се обврзавме да го рехабилитираме целиот остров. ТИКА, исто така, испрати огромна делегација за работа на островот. Не држи многу тежина, бидејќи тоа е корален остров.

Зградите брзо се оштетуваат поради сол и влага. Ние бараме техничко решение за овој остров. Островот Севакин е една од точките каде што османлиското присуство е најмоќно. Исто така е значајно место, бидејќи е историски пат за аџилак.

ПРАШАЊЕ: Кина реализираше голем број значајни инвестиции во Африка во изминатите 10 години, и продолжува да инвестира во скоро сите региони на континентот. Во тој контекст, дали постојаното зголемување на присуството на Кина претставува ризик за тековните активности на Турција?

ОДГОВОР: Ние во Африка, ниту со Кина, ниту со ниедна друга земја, не сме во политичка конкуренција. Но, на економско ниво, во рамки на трговските принципи ќе имаме конкуренција со Кина и другите земји. Не сум против инвестирањето на Кина во Африка. Напротив, нека инвестираат колку што е можно и нека се развива Африка. Не треба да се плашиме. Всушност, прашањето што треба да се постави е зошто други земји не инвестираат во Африка како Кина. Најважно е тоа што во инвестициите се почитуваат интересите и правилата на Африка.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.