наука и технологија

Тимот од турски научници пристигна на Антарктикот

Тимот составен од 17 членови помина голем и тежок пат, но ентузијазмот и возбудата не им недостасуваат на почетокот од едномесечното истражување во екстремните услови кои владеат на „Белиот континент“.

Dilara Zengin  | 04.02.2019 - Обновена : 05.02.2019
Тимот од турски научници пристигна на Антарктикот

Antarctica

АНТАРКТИК (АА) - ДИЛАРА ЗЕНГИН - 

Тимот кој го сочинува Третата национална мисија на Турција пристигна на оддалечениот Антарктик, каде што наредните недели ќе мине дополнителни подготовки за отворање турска научна база на овој „Бел континент“, јавува Anadolu Agency (AA).

Екипата составена од 17 членови помина голем и тежок пат, но ентузијазмот и возбудата не им недостасуваат.

Станува збор за важна научна мисија која се спроведува под покровителство на Канцеларијата на претседателот на Турција и со поддршка на Министерството за индустрија и технологија. Координацијата на целата мисија ја врши Центарот за антарктичко истражување од Техничкиот универзитет во Истанбул.

Екипата од Турција тргна на 29 јануари, а нивна прва дестинација беше бразилскиот град Сао Паоло, по што следуваше пат за чилеанскиот град Сантјаго, од каде што преку Пунта Аренас, пристигна во Пуерто Вилијамс.

По повеќе од 30 часа патување, научниот тим во Пуерто Вилијамс го дочека гувернерот на градот, Хуан Хозе Аркос.

Пуерто Вилијамс важи за најоддалечено место на јужната Земјина полутопка, а турскиот тим таму мина два дена, по што го продолжи патот кон антарктичкиот остров Кинг Џорџ.

Во согласност со меѓународните правила што важат на Антарктикот, сите членови на тимот при излегувањето од авионот минаа низ посебен третман за дезинфекција на телото, облеката и обувките, со цел на Антарктик да не донесат какви било микроорганизми што би можеле да го загрозат чувствителниот екосистем во тој дел од светот.

По пет лета, тимот пристигна до својата дестинација на Антарктикот, а најголеми потешкотии им задаваше багажот. Вкупно 17 членови на тимот носеа 46 куфери со вкупна маса од 1,5 тони.

Турскиот тим потоа со специјални чамци доплови до бродот „Бетансос“, кој на отворено море на Антарктикот е засидрен под знамето на Чиле. По качувањето на бродот, одржан е првиот состанок, на кој се разгледани плановите за следните 30 дена, колку што екипата ќе мине на ова истражување.

Водачот на мисијата, Бурџу Озсој, за АА изјави дека сите членови на тимот се добро и се возбудени поради доаѓањето на Антарктикот.

„Посебно возбудување владее кај луѓето кои за првпат се тука, а особено им се допадна погледот на Антарктик од авион“, рече Озсој.

Меѓу членовите на турската научна мисија се наоѓа и рекордерката на таа земја во слободно нуркање, Шахика Ерџумен, која рече дека за првпат се наоѓа на Антарктикот и има намера да изведе нуркање на Белиот континент.

„Тука има многу научници и сите спроведуваат некакви истражувања. Првенствено се гордеам што сум член на оваа важна научна експедиција“, изјави Ерџумен.

И професорот од Универзитетот „Омер Халисдемир“ во Нигде, Седат Серче, не го криеше задоволството и возбудата по пристигнувањето на Антарктикот.

„За потребите на работата со која се занимавам, патував во многу делови од светот, но ова е единствено чувство. Некогаш како планинар ги истражував врвовите на планините. Сето тоа беше возбудливо, но неспоредливо е со моменталното чувство“, рече Серче.

Третата научна мисија на Антарктик ја следи и репортерска екипа на АА, која во наредните денови ќе ја известува јавноста за активностите што ќе ги спроведува турскиот тим.

Со Меѓународниот антарктички договор од 1959 година, со тој континент управува Научниот совет за антарктички истражувања (SCAR) и Советот на менаџери на националните антарктички програми (COMNAP).

Турција го потпиша Антарктичкиот договор, но без сопствена научна база има само статус на набљудувач на континентот кој е предмет на бројни научни истражувања.

Со отворање сопствена научна база, Турција ќе добие статус на советодавна земја и ќе стане дел од механизмот кој одлучува за Антарктикот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.