Социјална заштита на бегалците во Македонија
Според организаторите, целта на студијата е критички да се оцени системот на заштита и помош на најранливите категории на бегалци

Skopje
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе – Отворена порта/Ла Страда, денеска во Скопје се одржа панел-дискусија на темата „Социјална заштита на бегалците во Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, целта на студијата е критички да се оцени системот на заштита и помош на најранливите категории на бегалци, додавајќи дека за таа цел бил искористен методот на студија на случај, бидејќи дава сеопфатно разбирање на искуството на бегалците во текот на нивното патување, како и пристапот до системот за заштита во Македонија.
„Во текот на студиите бевме сведоци на убави збиднувања, на раѓања на новороденчиња, прослави на родендени за најмалите и семејни обединувања за кои, во голем број од случаите, нашите тимови имаа најголем придонес. Но исто така, имавме и многу тажни моменти, тагувања за загубата на најблиските, тагување за изгубени семејства и деца или тага и очај поради скршените соништа“, рече Марија Тодоровска од „Отворена порта“.
Тодоровска истакна дека студиите на случајот покажуваат дека Македонија треба да доразвие соодветен систем за заштита на бегалците, особено на жените што се жртви на родово насилство и на мажите.
„Истражувањето беше поделено во две фази. Во правата фаза беше спроведено канцелариско истражување, а потоа беше спроведено теренско истражување, и во текот на овој период беа спроведени 3 темелни полуструктурни интервјуа со три репрезентативни случаи. Оваа студија дава преглед на системот за заштита на бегалците во Македонија“, нагласи Тодоровска.