Ѕвездени ноќи, виртуелни светлини - Светот на Ван Гог дигитално оживува во Истанбул
– Жолтиот сјај на сончогледите, длабоката сина боја на ѕвезденото небо и немирните потези со четка на Винсент ван Гог сега ги опкружуваат посетителите на Истанбул, поканувајќи ги да влезат во светот на сликарот наместо само да го набљудуваат

ИСТАНБУЛ (АА) – Жолтиот сјај на сончогледите, длабоката сина боја на ѕвезденото небо и немирните потези со четка на Винсент ван Гог сега ги опкружуваат посетителите на Истанбул, поканувајќи ги да влезат во светот на сликарот наместо само да го набљудуваат, јавува Анадолу.
„Ван Гог: Во потрага по светлината“, голема дигитална изложба во Центарот за дигитално искуство на градската управа на Истанбул, го претвора делото на холандскиот уметник во мултисензорно доживување.
Наместо традиционални рамки, посетителите чекорат низ дигитално опкружување со подвижни светлини, музика и динамика што ја оживуваат имагинацијата на еден од најомилените сликари во историјата.
Ван Гог, роден во 1853 година во Холандија, за само една деценија создал повеќе од 2.000 дела.
И покрај борбата со сиромаштијата и менталната болест, неговото творештво - недоволно признаено за време на неговиот живот - остави длабок белег врз модерната уметност.
- Од пигменти до пиксели
Изложбата започнува во „Дигиталната соба“, каде што преку писма, биографски панели и интерактивни дисплеи посетителите ја следат неговата животна приказна - од првите скици и тешкотии до блескавите дела од последниот период.
Инсталациите вклучуваат холографски сончогледи, интерактивни сложувалки и дигитални активности за боење инспирирани од неговите слики.
Посебна атракција е виртуелната реалност (ВР), првпат прикажана во Турција, развиена за музејот „Орсеј“ во Париз.
Со ВР-очила, златните полиња светат, сончогледите растат високо, а посетителите чекорат низ светот на Ван Гог, придружувани од музиката на Франц Лист - омилениот композитор на уметникот.
Централниот дел на изложбата, „Ван Гог: Импресивно патување,“ е 15-минутно искуство со проекции на огромни дигитални екрани.
Приказната е поделена во четири целини: внатрешниот свет на уметникот, потрагата по светлината на југот на Франција, неговиот престој во болницата „Сен-Реми“ - каде што сликал сцени од својот прозорец додека бил на психијатриска нега и завршен сегмент во кој вештачката интелигенција анализира над 2.000 негови дела за да создаде нови дигитални композиции во негов стил.
Еден од најинтересните делови е интерактивната инсталација каде што „Ѕвездена ноќ“ или „Пченкарно поле со врани“ ја менуваат атмосферата - од мирна во бурна - во зависност од движењата на посетителите, симболизирајќи ги емоционалните состојби на Ван Гог.
- Културна трансформација
Изложбата „Во Потрага по светлината“ претставува дел од пошироката културна промена во Истанбул, каде што дигиталната технологија не само што ја менува презентацијата на уметноста туку и начинот на кој таа се чувствува и памети.
Центарот за дигитално искуство, кој се наоѓа покрај Златниот Рог, е прв ваков објект во Турција и веќе се претвора во симбол на современиот идентитет на градот - спојувајќи ги традицијата и иновацијата.
Во март таму беше одржана изложбата „Од традиција кон иднина: дигитални рефлексии на културната меморија“, која преку вештачката интелигенција и интерактивните проекции ја прераскажа приказната за турската традиционална уметност.
Основа на актуелната изложба е верувањето на Ван Гог дека сликарството не е копирање на реалноста, туку израз на чувство. Преку звук, интерактивни површини и динамични светлосни проекции, емоциите на уметникот стануваат видливи, опипливи и живи.
Во едно писмо до својот брат Тео во 1882 година, Ван Гог напишал:
„Сакам за моите дела луѓето да кажат: тој човек чувствува длабоко, тој човек чувствува суптилно.“
Со оваа изложба токму таа негова желба оживува на начин што и самиот уметник тешко би можел да го замисли.