култура и уметност

Стариот град Будва, една од најстарите населби на Јадранот

Стариот град се состои од единствена архитектонска и урбанистичка целина, опкружен со средновековни ѕидини, тврдини, кули и порти. Низ тесни улички, мал пазар и плоштади, подредени се кафулиња, бутици, барови, ресторани и галерии

Adel Ömeragiç  | 15.05.2016 - Обновена : 16.05.2016
Стариот град Будва, една од најстарите населби на Јадранот

Montenegro

ПОДГОРИЦА (АА) - Црногорската метропола на туризмот, Будва, претставува неодминливо место на туристите кои ја посетуваат најмалата балканска држава - Црна Гора. Убавите и уредени плажи, ексклузивниот избор на хотели и ресторани, како и богатиот ноќен живот, претставуваат едни од причините поради кои туристите од цел свет доаѓаат во Будва. Сепак, понудата на Будва како туристичка дестинација ја потполнува нејзиниот Стар град, кој е една од најстарите населби на Јадранот.

Според историските извори, населбата Стар Град во Будва е позната пред повеќе од две и пол илјади години, како „град на Илирија”. При посета на будванската ривиера, оваа населба претставува неодминливо место за туристите.

- Sидини, кули, порти... -

Стариот град се состои од единствена архитектонска и урбанистичка целина, опкружен со средновековни ѕидини, тврдини, кули и порти. Низ тесни улички, мал пазар и плоштади, подредени се кафулиња, бутици, барови, ресторани и галерии. За време на летните месеци, благодарејќи на претставите, концертите и изложбите, Стариот град станува Град на театар, така е наречен и фестивалот кој од 1987 година го оплеменува стариот приморски град и му дава посебна боја и шарм.

Деканот на Факултетот за туризам во Будва, Раде Ратковиќ, во разговор за АА изјави дека на малиот простор на Стариот град „егзистираат” разни градежни стилови.

„Тука се византискиот, австро-унгарскиот стил, а печат му дава и ова денешно време. Стариот град несомнено е еден значаен туристички ресурс. Меѓутоа, имаме примери на непочитување на Стариот град и нивните вредности. Најголема опасност за стариот Град и неговата вредност е новите градби, што претставува закана за старите бисери. Тоа на некој начин ги одбива туристите” , вели Ратковиќ.

Посебна вредност во Стариот град имаат сакралните објекти, најстарата црква Санта Марија ин Пунта, потоа Св. Ивана, Св.Троица и Св. Сава Осветениот. Покрај црквата Св.Ивана се остатоците на ранохристијанската базилика, а на Цитаделата се наоѓаат остатоци од црквата Св. Марија. Помеѓу црквите е и сцената за претставите на „Градот на театарот”.

Во Стариот град можат да се видат и римски пилони, ѕидови на најстарата порта на Будва. Од културните институции најзначајни се Музејот на градот Будва со археолошки и етнографски амбиент, Современата галерија и спомен домот на „Стефан Митров Љубиша”.

Во цивилната иницијатива „Будва 2020” ангажирано работат на што подобра заштита на ова културно наследство. Претседателот на оваа организација, Љубомир Филиповиќ, за АА изјави дека веќе подолго време работи на анализа на комплетната документација на кој начин цитаделата и нејзините парцели припаѓаат на приватниот сопственик.

„Секојдневно комуницираме со сите општествени и политички субјекти со цел враќање на градскиот живот во Стариот град. Барањата на старите граѓани ми се одамна познати, од поставување на јавни тоалети во функција, до решавање на проблемот со вревата, враќањето на одделни институции во етерот на Стариот град, при што ќе биде потребно големиот узурпиран имот да се врати во сопственост на општината”, вели Филиповиќ.

Тој истакна дека тоа се начини Стариот град да оживее, не само за туристите туку и за граѓаните на Будва.

„Термите, ранохристијанскиот мозаик и базилика и забраната за девастација мораат под итно да се решат, со цел изгледот на Стариот град да ја сочува својата автентичност”, истакнуваат во организацијата „Будва 2020”.

- Богатството на Црна Гора -

Професорот Ратковиќ порача дека старото градско јадро претставува богатство на Црна Гора.

„Имаме и останати стари градови, во Стариот Бар може да се развие историски туризам. Слична приказна е и со Улцин, Котор и Цетиње. Сето тоа претставува едно културно наследство кое може да доживее едно големо вреднување, не само низ излети и обиколки, туку и низ престојување и амбиент кој е привлечен за туристите. За тоа да се случи, сето ова мора да се сочува и не смее да биде девастирано со новата агресивна изградба на која никако не може да и се застане на пат”, вели Раде Ратковиќ, декан на Факултетот за туризам во Будва.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın