култура и уметност

Рамазан кај ромско семејство: Ифтарот носи радост во нашиот дом

„Ифтарот е радост. Секој ден чекаме езан од џамијата, додека дојде време за ифтар пуштаме илахии, читаме Куран, со нашето семејство, слушаме предавања и чекаме да слушнеме езан што е знак за јадење. Тогаш е навистина весело. Не заради храната, туку за искреноста кон она во што веруваме", потенцира Фадил.

Admir Fazlagic  | 18.06.2016 - Обновена : 19.06.2016
Рамазан кај ромско семејство: Ифтарот носи радост во нашиот дом

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ - Светиот месец за муслиманите, месецот на постот Рамазан за верниците претставува голема радост и задоволство. Каква е рамазанската атмосфера кај Ромите за време на месец Рамазан, кои се нивните обичаи и традиција во овие денови, во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваше Фадил Џемаил од ромската населба Шутка во која повеќето од населението се Роми.

Уште при влегувањето во населбата, почнува да се чувствува рамазанската атмосфера, џамиите се отворени, а од куќите може да се слушне духовна музика. Поразлично не е ниту во домот на Фадил кој говорејќи за рамазанската традиција кај Ромите вели дека овој месец во нивната населба е посебно убав. Истакнува дека тој со своето семејство се трудат да живеат според исламските прописи, како и да ги воспита децата во духот на исламот. Фадил, објаснува дека за време на месецот на постот, повеќе е посветен на исламот, кажувајќи дека додека траат постите се менува начинот на живот, помалку се спие, а верниците повеќе се посветени кон верата, трудејќи се истовремено да ги исполнуваат секојдневните работни обрврски но и да уживаат во сите убавини кои со себе ги носи светиот месец Рамазан.

„Во месец Рамазан солидарноста кон другите е повеќе изразена. Знаеме дека ова е месец кога се сочувствуваме со другите кои немаат доволно средства да ги задоволат основните човекови потреби. Се организираат ифтари од страна на општината, џамијата, но и ифтари организираме и ние, бидејќи сме свесни што значи да се нахрани постачот. Ние ги покануваме роднините, пријателите и внимаваме на оние кои се посиромашни и кои имаат потреба за храна. Секако, ги покануваме и соседите. Доколку знаеме дека некој има материјален проблем, помагаме несебично, се со цел да не се почуствуваат во овој голем месец разочаран", вели Фадил зборувајќи за солидарноста во месецот на постот, која е една од неговите главни карактеристики.

Посебно е убава рамазанската атмосфера, која ја разубавува духовната музика, учењето на Куранот, но и семејните собири, објаснува Фадил.

„Ифтарот е радост. Секој ден чекаме езан од џамијата, додека дојде време за ифтар пуштаме илахии, читаме Куран, со нашето семејство, слушаме предавања и чекаме да слушнеме езан што е знак за јадење. Тогаш е навистина весело. Не заради храната, туку за искреноста кон она во што веруваме", потенцира тој.

Да се почувствува рамазанската убавина е задоволство кое со зборови не може да се опише, вели Емине, сопругата на Фадил. Како и нејзиниот сопруг и таа вели дека тие како семејство се трудат да ги почитуваат исламските начела. И покрај тоа што работи и е мајка на три деца, за Емине месецот на постот не претставува тежина, туку убавина за која се свесни само оние кои се придржуваат до пропишаните правила за Рамазан.

„Со нетрпение го чекаме месецот Рамазан, јас со задоволство спремам за фамилијата. Ние сакаме повеќе манџи, подготвуваме различни јадења од кои највеќе гулаш и сарми, но децата повеќе сакаат брза храна", раскажува Емине, зборувајќи за ифтарската трпеза и традицоналните јадења кај Ромите за време на постите, истакнувајќи дека се грижи трпезата да биде богата со различна храна, но и да има што повеќе гости.

„За месецот Рамазан ги покануваме гостите. Подготвувам за повеќе од 20-30 луѓе, бидејќи ми е задоволство да бидеме заедно со семејството и најблиските", раскажа Емине.

- Рамазанските дружења го красат овој месец: Џамиите претесни да ги примат сите верници

Со цел да ја долови рамазанската атмосфера во ромската населба Шутка, Фадил се осврна и на дружењата во џамиите и надвор од нив за време на овој месец.

„Доаѓаат верници од другите џамии, голем број на верници доаѓаат и џамииите се претесни да ги примат сите верници. Има повеќе дружење. Повеќе се дружиме со нашите пријатели, Ќе отидеме во слаткарница, разговараме, дружењето е многу важен сегмент за време на Рамазан. Нашето дружење нема граници, понекогаш се подзабораваме", рече Фадил.

- Рамазанската армосфера некогаш и сега

Раскажувајќи за рамазанската армосфера некогаш и денес, Џемаил вели дека разликата е голема, бидејќи според него, практикувањето на исламот сега е повеќе застапено за разлика од минатото.

„Разлиакта е многу голема. Малку го практикувавме исламот, сега со изградба на џамиите, со нашиот имам, се чувствуваат промените. Порано се собиравме по куќи немавме простор да ги извршуваме верските обреди. Во нашата населба се чувствуваат промените. Знаеете дека ние Ромите сме весел народ дури и свадби правевме за време на Рамазан, додека сега состојбата е поинаква", смета тој.

Будењето со тапан за време на сахур (јадењето пред изгрејсонце) е стара рамазанска традиција и во ромската населба Шутка, која и дава посебна убавина на богатата рамазанска традиција.

„Има група на помлади луѓе кои доаѓаат со тапани и не будат. Псле неколку дена без спиење ни е напорно, младите доаѓаат и ја будат населбата, секоја вечер пред сехур, а последниот ден пред Бајрам поминуваат преку ден. Поминувајќи, луѓето ги наградуваат за трудот кој го вложиле бидејќи ги буделе верниците", објасни Фадил.

- Рамазанот кај децата носи посебна радост

Фадил и Емине се родители на три деца, 12- годишниот Алем, 9-годишната Алемка и малата Алемина која има пет години.

Иако нивните деца се мали, сепак водени од убавините на месецот Рамазан и радоста која ја носи, и тие се трудат да постат со цел да ја осетат суштината на месецот Рамазан.

„Постат моите родители и јас сакам да постам. Не ми е тешко, првите денови се потешки,а потоа се навикнувам", раскажа Алемка, додека нејзиниот постар брат Алем вели дека започнал да пости од својата седма година.

„Почнав да постам од мојата седма година.Се подготвуваме да одиме навечер на терави намаз, слушаме предавања, се дружиме, чекаме . Се играм со другарите пред ифтар за да помине побрзо времето", вели Алем. Најмалото дете во семејството Џемаил е пет годишната Алемина, која раскажа дека сака да оди со нејзината мајка во џамија и ужива да и „помага" додека таа ја подготвува ифтарската трпеза.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.