Поетот Манојлов: Палестина ја носам во својата душа
„Не можам да преминам преку фактот да убијат човек со знамето на Палестина во рака, а тој без двете нозе, или да затворат една млада девојка и да ја осудат на две години затвор затоа што го носи палестинското знаме...“, вели поетот Манојлов за АА
Skopje
СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ
Страдањата на палестинскиот народ, врз кој израелските безбедносни сили вршат бројни насилства, поттикна голем број луѓе од различни делови од светот да покренат различни кампањи на солидарност и да повикаат да престанат злосторствата и да има правда за Палестинците.
Панде Манојлов од Битола, поет, прозаист, критичар и новинар, со своите творби кои ги пишува и споделува на социјалните мрежи предизвикува внимание и воодушевување кај јавноста бидејќи на тој начин ја буди свеста кај луѓето за неправдите кои им се нанесуваат на Палестинците.
- „Палестина ја носам во својата душа“ -
Во разговор за Anadolu Agency (AA) поетот Манојлов говори за мотивите поради кои своето поетско творештво им го посветува на Палестинците и на Палестина, за пријателствата со овој народ, за желбата неговата поезија да ја разбуди заспаната совест кај светската јавност за страдањата на невините луѓе, како и за важноста на меѓусебното почитување на луѓето без оглед на нивната национална, етничка, верска или било каква друга припадност.
Поетот Манојлов вели дека иако има седумдесетина години, се труди да биде активен и работите да ги става на „кантар“, за, како што истакнува, да се види што чини, а што не чини во светот.
Како што раскажува, Палестина ја носи во својата душа. Манојлов вели дека првата песна за Палестина му е објавена во 1982 година во еден весник во Македонија, а се однесувала на трагедијата во логорите Сабра и Шатила. Оваа песна, објаснува Манојлов, станала популарна откако на арапски ја превел новинарот Абдул Азиз Карим, кој тогаш студирал во Скопје.
„Палестина ја носам во својата душа. Во последно време не можам да бидам мирен гледајќи го и слушајќи го она што се случува во Палестина. Не можам да преминам преку фактот да убијат човек со знамето на Палестина в рака, а тој без двете нозе, или да затворат една млада девојка од 16 години и да ја осудат на две години затвор затоа што го носи палестинското знаме и затоа што се бори за сопствената Палестина. Не можам да заборавам на масата геноцидни случаи на малтретирање на палестинскиот народ“, вели Манојлов осврнувајќи се на неговото поетско творештво коешто им го посветува на Палестинците.
Тој додава дека е згрозен од она што се случува во Палестина.
- „Поезијата како глас на вистината“ -
„Цвеќе на слободата“, „Бог нека суди“, „Болка“, „Не гибајте го Ерусалим“, „Старата Мајка од Палестина“... се насловите на само дел од над стотина песни коишто овој поет ги има посветено на палестинскиот народ.
Во неговите последни песни, тој го крева гласот против неправедно затворената млада девојка Ахед Тамими, која ја нарекува цвеќе на слободата, на младиот Ибрахим, кој беше без двете нозе, а кој беше убиен од израелските сили, како и за сите оние кои протестираа против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го прогласи Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел.
Поетот Манојлов вели дека светот го разбира како поле на кое секој еден народ, секој еден човек има место под сонцето.
„Човекот не го делам на религии, или е човек или нечовек, меѓутоа сите сме луѓе и треба взаемно да се почитуваме. Не можам никако да се помирам ниту со она што се случува во Сирија, со таа судбина. Имам напишано низа песни за случувањата во Сирија, за случувањата во останатите арапски држави. Тие се наши браќа, муслиманите. Или си човек или не си човек“, смета Манојлов истакнувајќи дека не се согласува со политиката на големиот капитал и преселбите на народите.
За Сиријците вели дека не се бегалци, туку дека се прогонети од своите огништа.
„Можете да замислите слободен народ, слободни Арапи, слободни муслимани, слободни католици. Па, тука е човештината, тука е светот. Бог ни го дарил светот за сите, а не само за поединци“, вели овој поет.
Како што наведува, освен во Македонија, неговите песни се достапни и во арапскиот свет, а се објавуваат и во Америка.
Раскажувајќи за поврзаноста на неговата животна приказна со неговото поетско творештво, Манојлов рече дека за време на студентските денови се дружел со многу Палестинци и Арапи, период за којшто говори со посебна носталгија бидејќи го врзуваат убави спомени.
„Палестинците и Арапите ми се многу мили. Студирав правни науки во Загреб, имаше многу Арапи, големи пријатели. Поголеми луѓе не сум сретнал, си живеевме како браќа. Семејно бев посиромав, кога ќе ја споиш сиромаштијата и слободата во еден букет цвеќе, во букет на мир, тогаш светот ви станува многу близок, луѓето ви стануваат браќа“, вели Манојлов и додава дека оттогаш никогаш не заборавал што се случува во Палестина бидејќи оваа држава, како што нагласува, ја носи во својата душа.
Се присетува дека и неговиот прадедо бил на печалба во Палестина и му раскажувал за судбината на палестинскиот народ.
- Највисоко палестинско признание за поетско творештво -
Во разговорот за АА, поетот Манојлов нагласи дека во минатата година го добил највисокото палестинско признание за поетско творештво, за што изрази голема благодарност до државата Палестина. Наградата му е врачена во Скопје, од страна на амбасадата на Палестина во Софија, бидејќи Македонија нема воспоставено односи со Палестина. Воедно, овој поет изрази желба Македонија да воспостави односи со Палестина затоа што, според него, Палестина тоа го заслужува бидејќи „има слична и заедничка судбина со Македонија“.
- „Растев со Турците, ги сакав како свои браќа“ -
Меѓу другото, Манојлов се осврнува и на турскиот народ за кој вели дека го поврзуваат многу нешта. Истакна дека објавувал раскази и песни на турски јазик.
Во битолското село Породин, каде што е роден, вели дека претходно живеело турско население, а во неговата околина, во селото Кременица (Кнали) и Меџитлија, тој како дете продавал разно овошје и зеленчук. Во тогашно време, како што вели тој, поради сиромаштијата, локалното население вршело размена на стока, наместо во пари. На тој начин, овој поет стекнал голем број пријатели Турци за кои вели дека ги сакал како свои браќа.
„Кога почна иселувањето на турското населние од тие краишта ме болеше душата, исто како што го болеше душата и татко ми. Неверојатни болки, бидејќи ние живеевме како браќа, имаше взаемно помагање. Си помагавме во земјоделието, во орањето... Првин турското население се исели од Кременица и Меџитлија. Се сеќавам кога на татко ми му носеа татлии, балкава со плач и со солзи во очите и му велат 'ние заминуваме за Турција', за и татко ми по некоја година да замине и да почине во Австралија. Судбината на Турците и Македонците била иста“, раскажува Манојлов низ солзи, носталгично присетувајќи се на своето детство и раната младост.
Во понатамошниот дел од разговорот, Манојлов раскажа дека во својот работен век работел во Кременица (битолско) во земјоделско стопанство, место во кое останале неколку турски семејства, за кои вели дека ги штител нив, нивните гробишта, џамијата, бидејќи како што раскажува, сентиментално е врзан со Турција.
- „Луѓето се луѓе без разлика на религијата“ -
Поетот Манојлов истакна дека со неговите стихови упатува апел кон целиот свет, со што сака луѓето да сфатат дека луѓето се само луѓе, без разлика на нивната верска определба.
„Или ќе се почитуваме едни со други како браќа, такви какви што Бог нѐ создал, и да кажам дека слободата на секој еден народ треба да се почитува. Мојата порака е почитувајте ги правата на сите луѓе затоа што се луѓе. Западниот свет оди кон почитување на правата на животните, а од друга страна ги заборава правата на луѓето. Тука не ми се јасни работите. Велам, да се почитуваат правата на секој поединец на Земјината топка“, порача поетот Манојлов и упати топол поздрав до братскиот турски народ и огромни поздрави до палестинскиот народ и сите Арапи во светот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
