Евровизија го одложи гласањето за учеството на Израел во 2026 година поради настаните на Блискиот Исток
- „Во поглед на последните случувања на Блискиот Исток, Извршниот одбор на ЕБУ се согласи дека постои јасна потреба за отворена и лична дискусија“, соопшти ЕБУ по состанокот одржан на 13 октомври.

АНКАРА (АА) – Европскиот радиодифузен сојуз (ЕБУ) го одложи гласањето за тоа дали Израел ќе може да учествува на натпреварот за Песна на Евровизија во 2026 година, поради најновите случувања на Блискиот Исток, јавуваат медиумите, пренесува Анадолу.
Според извештајот на Би-би-си, виртуелниот состанок на кој требаше да се донесе одлука во ноември е откажан, а темата ќе се разгледува на Генерално собрание на ЕБУ во декември.
„Во поглед на последните случувања на Блискиот Исток, Извршниот одбор на ЕБУ се согласи дека постои јасна потреба за отворена и лична дискусија“, соопшти ЕБУ по состанокот одржан на 13 октомври.
Дебатата околу учеството на Израел се отвори поради неговата тековна воена кампања во Газа.
Неколку земји учеснички, меѓу кои Шпанија, Ирска, Словенија, Исланд и Холандија, најавија можен бојкот доколку Израел биде дел од натпреварот во Виена следната година.
Холандската телевизија АвроТрос минатиот месец соопшти дека дури и прекин на огнот или промени во конфликтот нема да влијаат врз нивната одлука за 2026 година, но дека идното учество може повторно да се разгледа во зависност од околностите.
Австрискиот национален радиодифузер ОРФ, домаќин на Евровизија 2026, ја поздрави одлуката на ЕБУ за одложување на гласањето.
Австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер претходно изјави дека уметноста „не е соодветна арена за санкции“.
Израелската телевизија Кан сè уште нема дадено официјален коментар за одложувањето.
Во септември Кан истакна дека на Израел треба да му се дозволи да учествува, повикувајќи се на неговото долгогодишно и успешно учество на Евровизија.