Адаптирајќи го Караѓоз на современото време, ја носи традиционалната турска театарска уметност во денешницата
- Мајсторот што со децении им вдахнува живот на куклите, денес низ магијата на сенката ги толкува ликовите на Караѓоз и Хаџиват, преведувајќи го нивниот традиционален јазик на дијалект разбирлив за современиот гледач
ИСТАНБУЛ (АА) - Пред 25 години Џенгиз Самсун љубопитноста на еден млад актер ја претворил во животна мисија.
Мајсторот што со децении им вдахнува живот на куклите, денес низ магијата на сенката ги толкува ликовите на Караѓоз и Хаџиват, преведувајќи го нивниот традиционален јазик на дијалект разбирлив за современиот гледач.
Патот на Самсун (48) започнал во 1997 година кога од Хатај пристигнал во Истанбул, со соништа за актерска кариера.
Првите чекори ги направил во Народниот театар „Еркан Јуџел“, но таа година неговиот интерес го привлекува играта со сенки. Фасциниран од ликовите на Караѓоз и Хаџиват, кои се сметаат за клучен дел од традиционалниот турски театар, тој решил својот пат да го насочи кон оваа област.
Настапувајќи во многу приватни театри Самсун му станал ученик на доајенот Ахмет Каракман, при што низ класичниот однос мајстор-чирак ја совладал вештината на движењето под завесата.
Денес во ателјето во Бејоглу во Истанбул, Самсун веќе четврт век со свои раце ги обликува куклите, ги пишува сценаријата и ги режира претставите со Караѓоз и Хаџиват, грижливо чувајќи го традиционалниот пламен за новите генерации.
Гостувајќи како предавач-уметник на голем број универзитети, тој им го пренесува знаењето на младите, а во 2012 година Министерството за култура и туризам официјално го прогласи за „Носител на нематеријално културно наследство“.
Во изјавата за Анадолу Самсун истакна дека многу ја засакал играта со сенки кон која се насочил паралелно со театарот, по што почнал да работи исклучиво во таа област.
Караѓоз и Хаџиват е игра со сенки што бара вештина за рачна изработка, рече тој, додавајќи:
„Во еден миг Караѓоз и Хаџиват станаа мој центар, а класичниот театар остана во втор план. Ова е сеопфатна уметност. Додека во обичниот театар играте една доделена улога, а аплаузот и признанието се најголема мотивација, овде вие сте сè: сценограф, музичар, писател и глас. Сами го создавате целиот универзум од скица на хартија до движење на платното. Веројатно тоа е она што ме привлече“, изјави Самсун.
Тој изрази задоволство од интересот за претставите на Караѓоз и Хаџиват, особено за време на Рамазан.
Оваа игра со сенки била најголем театар во заедницата, во османлискиот период, особено од 18 век, па сè до почетокот на 20, додаде Самсун.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
