„Модерна“ ќе поднесе барање за одобрување на нејзината вакцина против Ковид-19
- Американската биотехнолошка компанија „Модерна“ соопшти дека ефикасноста на нејзината вакцина против Ковид-19 изнесува 94,1 отсто по третата клиничка фаза на испитувања и дека итно ќе поднесат документи за овластување за итна употреба на вакцината

АНКАРА
Американската биотехнолошка компанија „Модерна“ денес соопшти дека ефикасноста на нејзината вакцина против Ковид-19 изнесува 94,1 отсто по третата клиничка фаза на испитувања и дека итно ќе поднесат документи за овластување за итна употреба на вакцината, јавува Агенција Анадолија(АА),
Компанијата соопшти дека примарните анализи за ефикасност од третата фаза на испитување на нејзиниот кандидат за вакцина против Ковид-19 се извршени на 196 потврдени случаи на вирусот, од кои 30 биле тешки.
Компанијата соопшти дека ќе поднесе барање подоцна во текот на денот до Администрацијата за храна и лекови (FDA) за овластување за итна употреба на вакцината и за условно одобрение од Европската агенција за лекови.
„Во 196-те потврдени случаи на Ковид-19, спаѓаат 33 постари лица, на возраст од 65 години и нагоре, а 42 заразени се идентификувани дека се од различни заедници‘, се вели во соопштението.
Извршниот директор на „Модерна“, Стефан Бансел, изјави дека кандидат за вакцина на нивната компанија има можност да ја спречи тешката клиничка слика на Ковид-19.
„Веруваме дека нашата вакцина ќе обезбеди нова и моќна алатка, која може да го промени текот на пандемијата и да спречи создавање тешка клиничка слика, хоспитализација и смртност“, додаде тој.
Нагласувајќи дека „Модерна“ работи со американските центри за контрола на болести и во кампањата на администрацијата на Трамп „Ворп спид“ („Warp Speed“), Бансел изјави дека околу 20 милиони дози од вакцината ќе бидат достапни во САД до крајот на 2020 година и дека компанијата планира да произведе од 500 милиони до 1 милијарда дози глобално во 2021 година.