Турција, Коронавирус

Познатата истанбулска Капали-чаршија по 70 дена повторно ги отвори вратите

„За првпат во својата историја, Капали-чаршијата ги затвори своите врати 70 дена, но не само Чаршијата, туку и сè околу неа“

Abdulkadir Günyol   | 01.06.2020
Познатата истанбулска Капали-чаршија по 70 дена повторно ги отвори вратите Фото: Erhan Elaldı/AA

ИСТАНБУЛ (АА) - Капали-чаршијата во Истанбул, една од најстарите, најголемите и најпосетуваните во светот, по пауза од 70 дена поради мерките воведени против коронавирусот, повторно ги отвори вратите за посетителите, јавува Агенција Анадолија (AA).

Меѓу туристите, познатата Капали-чаршија е незаобиколно место за секој посетител на Истанбул, без оглед од каде доаѓа. Таа беше затворена за посетителите повеќе од два месеца, а со ублажувањето на мерките во Турција од денеска повторно ги пречекува гостите.

Претседателот на Истанбулската комора на секторот за накит (IKO), Мустафа Атајик, рече дека Капали-чаршијата и секторот за накит направија еден вид пауза во трговијата и дека од денес, 1 јуни, се врти една нова страница.

Атајик изјави дека не се памети Капали-чаршијата да била затворена подолго од два месеца. Последната долга пауза во работата на Чаршијата била во 1954 година кога е зафатена со пожар, кој зафатил близу 1.400 продавници, но тогаш Капали-чаршијата паузирала со работа 28 дена.

„За првпат во својата историја, Капали-чаршијата ги затвори своите врати 70 дена, но не само Чаршијата, туку и сè околу неа“, рече Атајик.

Наведе дека животот постепено се нормализира во Капали-чаршијата и дека се води сметка за сите препораки за носење маски, држење дистанца и засилена хигиена.

Големата чаршија е една од најголемите и најстарите чаршии, сместена во европскиот дел на Истанбул.

Во Капали-чаршијата, чија изградба е започната веднаш по освојувањето на Истанбул околу 1455 година, има околу 4.000 продавници, а вкупниот број на вработени во овие дуќани е околу 25.000. Се проценува дека Капали-чаршијата во текот на денот ја посетуваат околу половина милион луѓе, а во текот на годината околу 90 милиони туристи. Капали-чаршијата се смета за една од најпосетуваните туристички дестинации во светот.







На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın