живот

Меѓународен ден на мачките: Миленици кои ни го разубавуваат секојдневјето

- Овој ден првпат бил воспоставен во 2002 година од страна на Меѓународниот фонд за заштита на животните (IFAW) и има за цел да ја подигне свеста за благосостојбата на мачките и нивното хумано третирање.

Aida Cako  | 08.08.2025 - Обновена : 11.08.2025
Меѓународен ден на мачките: Миленици кои ни го разубавуваат секојдневјето

СКОПЈЕ (АА) – Мачките, едни од најраспостранетите и најсакани домашни миленици низ светот, денеска го одбележуваат својот Mеѓународен ден - 8 Август, ден посветен на нивната заштита, грижа и значење во животот на луѓето, јавува Анадолу.

Овој ден првпат бил воспоставен во 2002 година од страна на Меѓународниот фонд за заштита на животните (IFAW) и има за цел да ја подигне свеста за благосостојбата на мачките и нивното хумано третирање.

Со својата независна природа, грациозни движења и способност за поврзување со луѓето, мачките уживаат посебно место во домовите на милиони семејства низ светот.

Според некои проценки, во светот живеат над 600 милиони домашни и улични мачки, а нивната популарност постојано расте.

Мачките се познати по својот изострен слух и вид, како и по исклучителната рамнотежа.

Тие можат да ги движат ушите одделно, благодарение на повеќе од 30 мускули, и се способни да ги ротираат за 180 степени.

Повеќето мачки спијат во просек од 12 до 16 часа дневно – навика која еволутивно се поврзува со зачувување на енергијата за лов.

Иако често се сметаат за резервирани, истражувањата покажуваат дека мачките развиваат силна емоционална поврзаност со луѓето и можат да препознаат различни човечки емоции, реагирајќи со утеха, внимание или игривост.

Карактеристично е тоа што „мјаукањето“ е форма на комуникација што возрасните мачки претежно ја користат кон луѓето, додека меѓу себе се служат со други вокални и телесни сигнали.

Меѓународниот ден на мачките се одбележува со различни активности во многу земји, меѓу кои Турција и Иран.

Во турската престолнина Анкара, овој ден е одбележан со фотографии од автохтоната раса ангорска мачка, при што посебно внимание се посветува на заштитата на оваа мачка, која е препознатлива по долгото, сјајно влакно и различните бои на очите.

Во Техеран, пак, овој ден е одбележан со фотографии од улични мачки како дел од пошироките иницијативи за подигање на свеста за нивната заштита.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.