свет, живот

Израелските напади му го одзедоа говорот, но палестинско момче со мајка си ја продолжува борбата за живот

Израелските напади врз Појасот Газа не ги уништија само зградите и инфраструктурата туку оставија траен белег врз децата

Mehmet Nuri Uçar, Fadel A. A. Almaghari  | 05.02.2026 - Обновена : 05.02.2026
Израелските напади му го одзедоа говорот, но палестинско момче со мајка си ја продолжува борбата за живот

ГАЗА (АА) - Четиринаесетгодишниот Палестинец, Сухејб Исмаил Мутавак, кој бил тешко ранет во израелски напад додека одел кон пунктот за хуманитарна помош во северозападниот дел на Газа, како последица на ранувањето го изгубил говорот и способноста за џвакање, пишува Анадолу.

Израелските напади врз Појасот Газа не ги уништија само зградите и инфраструктурата туку оставија траен белег врз децата.

И покрај повеќемесечното лекување, Мутавак сè уште не може да зборува, но со поддршка на својата мајка неговата состојба се одржува стабилна.

Сухејб живеел со своето семејство во северниот дел на Појасот Газа. Поради долготрајната блокада и недостигот од храна, тој тргнал кон пункт за хуманитарна помош со надеж дека ќе најде нешто за своето семејство.

За жал момчето било тешко рането од израелските сили, а како последица на повреда од шрапнел, го загубил говорот и способноста да јаде цврста храна.

- Патот по кој тргна со надеж за помош му го смени животот -

Во разговор за АА, мајката Сихам Небил Мутавак рече дека нејзиниот син пред нападот бил здраво и весело дете.

Таа наведе дека тој ден, пред нејзиниот син да замине кон пунктот за хуманитарна помош, немале дома ништо за јадење:

„Тој ден ми рече: 'Мамо, ќе одам со пријателите, можеби ќе најдам нешто за моите браќа и сестри. Долго време немаше јадено бонбони, бисквити и слично. Кога слушна дека во пунктот има и такви производи, многу се израдува.“

Околу еден час подоцна, добила повик дека нејзиниот син е погоден и пренесен во болницата „Ал Шифа“.

Глетката на која била сведок во здравствената установа, мајката ја опиша како најтежок момент во нејзиниот живот.

Според информациите од докторите, парче од шрапнел влегло во рамото на Сухејб и излегло низ вилицата. Момчето се здобило со сериозни оштетувања на вилицата и јазикот поради што било подложено на повеќе операции. Но и покрај сите интервенции, го изгубил говорот.

„По операцијата, кога дојде при себе, забележавме дека не може да зборува. Има фрактура на вилицата, поради што не може да ја отвори устата. Докторите велат дека е потребна трансплантација на вилица и вградување платинска плоча. Неопходни се уште неколку операции, но во Газа нема услови“, рече таа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.