„Ваквите политики ќе ги чинат Американците“, возврати Шпанија на заканите на Трамп со царини
Шпанската Влада денес остро реагираше на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп,кој се закани дека ќе воведе царини за Шпанија доколку не го зголеми трошокот за одбраната, предупредувајќи дека таквата политика ќе ги чини самите Американци

ЛОНДОН (АА) – Шпанската Влада денес остро реагираше на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани дека ќе воведе царини за Шпанија доколку не го зголеми трошокот за одбраната, предупредувајќи дека таквата политика ќе ги чини самите Американци, јавува Анадолу.
Заменик-премиерката на Шпанија, Јоланда Дијаз, зборувајќи во Парламентот, изјави дека „намерната казна“ што американскиот претседател сака да ја наметне на Шпанија „ќе биде многу скапа за Американците“.
„Трговскиот биланс меѓу Шпанија и САД е во дефицит за Шпанија, што значи дека овие политики ќе им наштетат на самите Американци“, рече Дијас, пренесе шпанската јавна радиотелевизија РТВЕ.
Нејзините изјави дојдоа по најновата закана од Трамп дека ќе воведе царини за Шпанија поради одбивањето да го зголеми буџетот за одбраната во рамки на НАТО.
„Многу сум незадоволен од Шпанија. Тоа е единствената земја што не го зголеми својот број на 5 %... така што, не сум среќен со Шпанија“, изјави Трамп за новинарите во Белата куќа.
Дијаз додаде дека Владата мора да ги брани нафтената и автомобилската индустрија, како и другите погодени сектори, нагласувајќи:
„Во Шпанија, Шпанците одлучуваат. Ние не сме ничиј протекторат.“
Во меѓувреме, шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес ја потврди посветеноста на земјата кон НАТО и нејзиниот придонес за евроатлантската безбедност, опишувајќи ја како „вон секое сомнение“.
„Шпанија е сигурен сојузник“, рече Албарес во изјава за новинарите во Кина, додавајќи дека шпанското присуство на источниот фронт на Европа е „фундаментално“ за безбедноста на регионот.
Министерката за наука, Дијана Морант, пак, изјави дека Трамп „често дава вакви изјави“, но дека „најважно е што неодамна, при средбата со премиерот Педро Санчез, беше прилично љубезен“.