економија

Минимални плати во Европа: Луксембург 2.142 евра, Албанија 213

Минималните плати во Европа се движат од 213 евра во Албанија до 2.142 евра во Луксембург, покажуваат податоците на Евростат (Eurostat) за јануари оваа година

Bedrudın Brljavac, Oktaj Omeragikj  | 10.02.2020 - Обновена : 12.02.2020
Минимални плати во Европа: Луксембург 2.142 евра, Албанија 213

САРАЕВО / СКОПЈЕ

Минималните плати во Европа се движат од 213 евра во Албанија до 2.142 евра во Луксембург, покажуваат податоците на Евростат (Eurostat) за јануари оваа година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Минималната плата законски е пропишана во поголемиот број членки на Европската Унија (ЕУ) и во уште неколку европски земји. Во земјите во кои минималната плата не е законски пропишана, направена е пресметка според вообичаениот број на работни часови месечно.

Најновите податоци покажуваат дека разликите во минималните плати во европските земји се многу големи.

Според податоците објавени од страна на Евростат, во 8 европски земји минималната плата надминува 1.000 евра.

Најголема „минимална“ плата имаат вработените во Луксембург. Во оваа земја минималецот изнесува 2.142 евра. Зад Луксембург следува Ирска со минималец од 1.656 евра, Холандија со 1.636, Велика Британија со 1.599, Белгија со 1.595, Германија со 1.585, Франција со 1.539 и Шпанија со 1.050 евра.

Следува група од 10 држави во кои минималната плата се движи од 500 до 1.000 евра.

Имено, минималната плата во Словенија изнесува 941 евро, на Малта 777, Грција 758, Португалија 741, Полска 611, Литванија 607, Естонија 584, Словачка 580, Чешка 575 и Хрватска 546 евра.

Во долниот дел од оваа табела со минимална плата помала од 500 евра се наоѓаат Унгарија со 487 евра, Романија 466, Турција 440, Летонија 430, Србија 343, Црна Гора 331, Бугарија 312 и Албанија 213 евра.

Во анализата на Евростат нема податоци за минималната плата во С. Македонија за 2019 година и јануари 2020 година. Последниот заведен податок се однесува за втората половина од 2018 година, кога минималната плата во Северна Македонија според Евростат изнесувала 282 евра. 

Правејќи преглед на податоците на Евростат за минималната плата за последните 5 години се добива следната слика. Минималната плата во втората половина од 2015 година во С. Македонија изнесувала 227 евра. Во првото шестомесечие од 2016 минималеот останува на исто ниво, т.е. 227 евра, за да во вториот дел од годината да се зголеми на 236 евра. Во 2017 година се зголемува на 241 евро во првите 6 месеци, а во вторите 6 месеци се забележува раст од 37 евра и минималецот во Северна Македонија достигнува 278 евра. Последен запишан податок за движењето на минималната плата во С.Македонија е за 2018 година, кога во првите 6 месеци минималецот изнесува 279 евра, а во вторите 6 месеци минималната плата е 282 евра.

Ако ја изанализираме минималната плата во Турција во последните 5 години, може да се забележи дека од 418 евра во втората половина од 2015 година, минималната плата во оваа земја во првата половина од 2016 година се зголемува на 518 евра, што е 100 евра за само едно шестмесечје. Но по обидот за воен удар во Турција, во втората половина од 2016 таа се намалува на 513, по што следува период на постојани падови и подеми. Минималната плата во 2017 во двете шестмесечја изнесуваше 479 и 443 евра, во 2018 во првите 6 месеци 446, а по финансискиот удар што ѝ беше нанесен на турската лира и нејзината девалвација, во второто шестмесечје од 2018 минималната плата достигна 380 евра. Минималната плата во 2019 доживеа раст од 42 евра и во првите 6 месеци изнесуваше 422 евра, за во вторите 6 месеци да се намали на 389 евра. Во јануари 2020 година минималната плата во Турција се зголеми за 50 евра и достигна 440 евра.

Според податоците на Евростат, минималната плата во Луксембург е убедливо највисока во Европа, дури 10 пати поголема од минималецот во Албанија.

Од земјите членки на ЕУ, најмала минимална плата примаат жителите на Бугарија, Романија и Летонија.

Од друга страна, Луксембург веќе со години цврсто го зазема првото место на листата на европски земји според висината на минималната плата. Во оваа мала држава со околу 602.000 жители, минималната плата во 2015 година изнесуваше 1.923 евра, а секоја наредна година редовно растеше, додека минатата година за првпат ја надмина магичната цифра од 2.000, поточно достигна 2.089 евра.

Интересен е и податокот дека минималната плата во Луксембург во изминатите 5 години се зголеми за 219 евра, што е повеќе од минималната плата во Албанија, која изнесува 213 евра.

На листата на Евростат за минималната плата во европските земји покрај С. Македонија не се наоѓаат Швајцарија, Норвешка, Исланд, Шведска, Финска, Австрија, Јужен Кипар (грчки дел), Италија, Данска и Босна и Херцеговина.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.