„Албанија го поддржува интегрирањето на Северна Македонија во ЕУ“, истакна албанската министерка за Европа, Спиропали
- Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денес се сретна со албанската министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на Северна Македонија
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денес се сретна со албанската министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на Северна Македонија, јавува Анадолу.
Тие одржаа заедничка прес-конференција на која Муцунски најави дека во 2026 се очекува отворање македонски Конзулат во Корча, откако беше отворен Конзулатот на Република Албанија во Скопје.
Муцунски истакна дека односите меѓу двете држави се одлични, со силни културни врски и добра соработка во заштитата на македонското национално малцинство во Албанија.
„Продолжуваме заеднички низ призмата на многу иницијативи, коишто можат да нѐ обединат“, додаде тој, истакнувајќи дека го радува тоа што во рамките на нејзиниот мандат како министерка за европски прашања и надворешни работи одлучила една од нејзините први посети во регионот да биде токму во Скопје.
Министерката Спиропали нагласи дека Албанија и Северна Македонија се соседи, пријатели и економски партнери, потенцирајќи дека европската интеграција е број еден во надворешната политика на Албанија.
Таа информираше дека земјата отворила 34 преговарачки поглавја за 13 месеци и истакна дека процесот на проширување не го гледа како натпревар, туку како заеднички пат на земјите од Западен Балкан.
Спиропали ја потврди силната поддршка на Албанија за европскиот пат на Северна Македонија, оценувајќи дека нашата земја со јаки институции е важна сигурност на целиот регион.
„Албанија го поддржува интегрирањето на Северна Македонија во Европската Унија, затоа што делиме заедничка иднина и затоа што овде живее еден државотворен народ, којшто е 33 проценти според последниот попис“, истакна Сиропали.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
