Балкан

Џаферовиќ во Скопје положи цвеќе на спомен-обележјето на жртвите од геноцидот во Сребреница

„Сакам да ѝ се заблагодарам на Република Северна Македонија, чиј Парламент ја усвои резолуцијата за геноцидот во Сребреница, сакам да ѝ се заблагодарам на власта на оваа земја...“

Edıta Zekjırovıc  | 28.09.2021 - Обновена : 28.09.2021
Џаферовиќ во Скопје положи цвеќе на спомен-обележјето на жртвите од геноцидот во Сребреница Фото: Edıta Zekjırovıc/AA

СКОПЈЕ (АА) - Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Шефик Џаферовиќ, престојува во работна посета на Република Северна Македонија по повод 28 Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во рамките на посетата, Џаферовиќ со својата делегација, во придружба на градоначалникот на скопската Општина Чаир, Висар Ганиу, и делегација од Нови Пазар, предводена од градоначалникот Нихад Бишевац, положија цвеќе на спомен-обележјето на жртвите од геноцидот во Сребреница, што се наоѓа во Општина Чаир.

Џаферовиќ истакна дека Бошњаците се народ што ги почитува државите, нивниот суверенитет и територијален интегритет, без оглед каде живее, се бори за своите права и го чува идентитетот во рамките на тие држави.

„На денешниот ден поправени се некои историски неправди, вратено е историското име на нашиот народ, Бошњак, Бошњачка, Бошњаци, тоа е историското име на нашиот народ. Вратен е нашиот јазик, босански јазик. Тоа се големи историски и епохални одлуки и затоа денешниот ден, 28 Септември, со право го носи името Ден на Бошњаците“, рече Џаферовиќ.

Џаферовиќ смета дека целиот цивилизиран свет треба да оддаде почест кон жртвите на Сребреница и да ги осуди оние што го планирале и извршиле геноцидот, единствениот геноцид што е извршен на територијата на Европа, од Втората светска војна до денес.

„Сакам да ѝ се заблагодарам на Република Северна Македонија (РСМ), чиј Парламент ја усвои резолуцијата за геноцидот во Сребреница, сакам да ѝ се заблагодарам на власта на оваа земја и на власта од оваа општина Чаир овде во Скопје, на луѓето кои придонеле средства и овозможиле да се изгради овој споменик, кој засекогаш ќе потсетува на злото кое му се случи на нашиот народ во 1995 година и кое засекогаш ќе го предупредува цивилизираниот свет да направи сè што треба за вакво зло никогаш никаде да не случи повторно“, изјави Џаферовиќ.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, го честиташе Денот на Бошњаците со порака дека албанскиот народ сочувствува со болката на бошњачкиот народ.

„Низ овој споменик, не само еднаш годишно, туку секој ден, секој пат кога ќе поминеме покрај овој симбол, ќе ја почувствуваме болката на бошњачкиот народ. Во близина ќе ги имате браќата Албанци и сите други народи, каде било и кога било. Народот кој ја дели историјата, ја дели и заедничката иднина“, истакна Ганиу.

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, во рамките на неговата посета на Северна Македонија се состана со претседателот на државата Стево Пендаровски, а најавени се средби и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со премиерот Зоран Заев.

Предвидено е Џаферовиќ да има свое обраќање на свечената академија во Скопје, по повод Денот на Бошњаците.

Со измените на Законот за празници во земјава, на 8 февруари 2007 година во Собранието, 28 септември (денот кога во бошњачкото Собрание во Сараево 1993 година е вратено националното име Бошњак) е прогласен за Ден на Бошњаците во земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.