Црна Гора ги укинува ковид-потврдите како услов за влез во трговските центри
Директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Игор Галиќ, истакна дека Владата одлучила мерките да бидат приспособени на состојбата на теренот

ПОДГОРИЦА (АА) – Во Црна Гора од утре се укинува националната ковид-потврда како услов за влез во трговските и деловните центри, како и во деловните згради кои имаат повеќе од илјада метри квадратни, соопшти директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Игор Галиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој на конференцијата за новинари кажа дека бројката на новозаразени во последните две недели е падната за 40 отсто во однос на периодот од 9 до 22 септември.
Како што наведе Галиќ, бројот на хоспитализирани на 5 октомври бил за околу 11 отсто помал во однос на 9 септември.
„Во последните две недели, вкупниот број на починати е за околу 18 отсто помал во однос на двете недели претходно“, рече Галиќ.
Според сево ова, како што кажа, Владата одлучила мерките да бидат приспособени на состојбата на теренот.
„Според тоа, од утре се укинува националната, дигитална ковид-потврда како услов за влез во трговските и деловните центри, како и во деловните згради кои имаат повеќе од илјада метри квадратни простор“, рече Галиќ.
Тој потсети дека Владата претходно одлучила, иако било најавено како можност, националните, дигитални ковид-потврди од утре да не се воведуваат како услов за влез во продавниците за прехранбени производи кои имаат преку илјада квадратни метри.
„Во согласност со очекувањата Црна Гора да се придружи на ЕУ-дигиталниот ковид-сертификат, траењето на изолацијата се скратува од 14 на 10 дена, односно еден од елементите на дигиталната ковид-потврда е позитивен ПЦР-тест кој е постар од 10 дена и кој не е постар од 180 дена“, наведе Галиќ.
Тоа е, како што кажа Галиќ, препорака од Директоратот за дигитално здравје, и тоа врз основа на европски стандарди.
„Останатите елементи на дигиталната ковид-потврда се лицето да е целосно вакцинирано, независно од тоа колку дена поминале од ревакцинацијата, да поседува ПЦР-тест кој не е постар од 72 часа, да поседува негативен брз антигенски тест кој не е постар од 48 часа“, додаде Галиќ.
Тој потсети дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во текот на посетата на ИЈЗ, порачала дека Брисел позитивно одговорил на барањето на Црна Гора да стане дел од ЕУ-дигиталниот сертификат.
Зборувајќи за вакцинацијата против коронавирусот, Галиќ истакна дека апсолутна заштита од коронавирусот со вакцинација не постои и дека целосно вакцинираните лица можат да се заразат.
„Но, која е користа од вакцинацијата? Користа од вакцинацијата е во тоа што во помал дел [заразените лица] имаат тешка клиничка слика, помалку хоспитализации и смртен исход“, појасни Галиќ.
Тој кажа дека масовните собири и понатаму претставуваат голем епидемиолошки ризик, истакнувајќи дека сите оние кои се хоспитализирани во Клиничкиот центар на Црна Гора, а се помлади од 40 години, не се вакцинирани.
„Морам да нагласам дека посебно таа категорија граѓани е најпогодена со делта-сојот, токму поради тоа што се најмалку вакцинирани, па би ги замолил помладите граѓани да се вакцинираат и така да си помогнат себеси и на другите“, рече Галиќ.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.