Средба на претседателот на Уставниот суд Мурати со претседателот на ЕСЧП, Сицилианос
Претседателот на Судот, Мурати, го запозна претседателот на ЕСЧП, Сицилианос, за работата и надлежностите на Уставниот суд и предизвиците со кои се соочува Судот и се од огромно значење за кредибилитетот на Судот и неговите секојдневни активности
СКОПЈЕ (АА) - Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Судот, Сали Мурати, судијата Јован Јосифовски и советникот Лариса Милевскa, присуствуваше на Свеченото отварање на судиската година на Европскиот суд на човекови права и на Семинарот одржан по тој повод во Стразбур, Република Франција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Уствниот суд на Република Северна Македонија, претседателот на Судот, Сали Мурати со останатите членови на Делегацијата, на 30 јануари 2020 година, оствари работна средба со претседателот на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Линос-Александре Сицилианос. На средбата присуствуваа и судијата на Европскиот суд од Република Северна Македонија, Јован Илиевски и г Родерик Лидел, регистратор на Европскиот суд.
„На средбата, претседателот на Судот, Сали Мурати, се заблагодари од негово лично име и од името на Уставниот суд, за одржувањето на оваа средба, која е прва официјална средба во последниве неколку години и воедно упати покана до претседателот на Европскиот суд, Сицилианос да го посети Уставниот суд на Република Северна Македонија со цел продлабочување на соработката и размена на мислења и искуства помеѓу двата суда", се вели во соопштението.
Се додава дека претседателот на Судот, Мурати, го запозна претседателот на Европскиот суд, Сицилианос, за работата и надлежностите на Уставниот суд и предизвиците со кои се соочува Судот и се од огромно значење за кредибилитетот на Судот и неговите секојдневни активности. Покрај ова, ја истакна потребата од финансиска, функционална и административна независност на Судот со цел воздигнување на статусот на Судот и уставните судии.
„На средбата се нагласи потребата од воведување на уставна жалба како битен инструмент со кој би се зголемил корпусот на човековите права и слободи кои би биле под уставно-судска заштита. Во оваа насока, претседателот на Судот, Сали Мурати ја искажа потребата од донесување на Закон за Уставниот суд, кој сега е во нацрт-верзија и е во рамките на европските стандарди", стои во соопштението на Уставниот суд.
„Претседателот на Европскиот суд за човекови права, Сицилианос, го искажа своето задоволство за одржувањето на оваа официјална работна средба која е од огромно значење за соработката на двата суда и исто така, истакна дека по поминувањето на сите филтри во однос на донесувањето на Закон за Уставниот суд и воведување на уставна жалба во нашата држава, како и филтерот пред Венецијанската комисија, Европскиот суд за човекови права со своите капацитети ќе ја даде својата поддршка во оваа насока", се вели во соопштението.
„Исто така, посочи дека е корисно што лично и директно од претседателот на Судот, Сали Мурати, ги осознал актуелните состојби со кои се соочува Уставниот суд и ја искажа својата подготвеност овие проблеми да бидат разгледани од нивна страна и во иднина ќе се залагаат за намалување на проблемите со кои се соочува Уставниот суд", пишува во соопштението.
На Семинарот на тема: „Европската Конвенција за човекови права: 70 години жив инструмент”, на кој присуствуваа претседатели и судии на уставни и врховни судови од светот, беа елаборирани следниве теми: „Жив инструмент: развојна доктрина“, „Родова еднаквост“, „Животна средина“ и „Наука и технологија“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
