Србија ја започна вакцинацијата против коронавирусот, меѓу првите се вакцинира премиерката Брнабиќ
„Денеска е ден за насмевки, конечно од 6 март [кога беше регистриран првиот случај на коронавирусот во Србијa]. Денеска е ден што го означува почетокот на крајот на коронавирусот...“
БЕЛГРАД (АА) - Во Србија денеска започна вакцинацијата против коронавирусот и тоа за корисниците на домовите за стари лица, а вакцината најпрво ја примија претседателката на Владата на Србија, Ана Брнабиќ, како и министерката за труд, вработување и социјални работи, Дарија Кисиќ Тепавшевиќ и епидемиологот Предраг Кон, за да го охрабрат населението да го стори истото и да докажат дека вакцината е безбедна и ефикасна, јавува Агенција Анадолија (AA).
Тие во Институтот „Торлак“ во Белград ја примија првата доза на вакцината од компанијата „Фајзер“ / „БајоНТех“, чии 4.875 дози пристигнаа во земјата.
„Денеска е ден за насмевки, конечно од 6 март [кога беше регистриран првиот случај на коронавирусот во Србијa]. Денеска е ден што го означува почетокот на крајот на коронавирусот, секако во Србија, но и во Европа и целиот свет“, изјави Брнабиќ по примањето на вакцината.
Таа рече дека ја примила вакцината за да покаже дека има доверба во таа вакцина, како и тоа дека има доверба во институциите на Србија кои ја издадоа дозволата за употреба, и напомена дека таа е првата премиерка во Европа која се вакцинира против коронавирусот.
„Ова беше моја обврска и чест да го сторам за мојата земја и да бидам првата што ќе го отвори тој пат за вакцинација на сите граѓани“, рече Брнабиќ.
Таа најави дека ги очекува наскоро и вакцините од кинеските, како и од руските производители, и рече дека договорот е српскиот претседател Александар Вучиќ да ја прими вакцината од следниот контингент што ќе пристигне во земјата.
Како што додаде, Србија ќе има 2 милиони дози во првиот квартал од наредната година, како и дека „1 милион ќе има во јануари“.
Брнабиќ наведе и дека најголема доза вакцини ќе стигне од кинескиот производител „Синофарм“, и дека претседателот Александар Вучиќ најверојатно ќе ја прими вакцината од тој производител.
Според нејзините зборови, по корисниците на домовите за стари лица, ќе започне вакцинирањето и на здравствените работници.
„Нема да запреме сè додека не заврши имунизацијата на целото население“, рече таа.
Министерката за труд, вработување и социјални работи, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, рече дека за денеска е планирано да се вакцинираат 150 корисници на домовите за стари лица во Белград и 100 корисници на тие домови во Нови Сад, а услов е да бидат постари од 65 години.
„Во Белград се вклучени и приватните домови за стари лица“, изјави таа.
Епидемиологот Предраг Кон оцени дека денешниов ден е голем ден за Србија и за целиот регион бидејќи започнува контраофанзивата и дека нивното примање на вакцината е пример со цел да се охрабри населението да се вакцинира.