живот, култура и уметност, Балкан

Семејството Филеви од Охрид ја пренесува тајната на производството на бисери низ четири генерации

Павел Филев, трета генерација од семејството Филеви, кое веќе четири генерации се занимава со производство на бисери, за Анадолу го сподели процесот на производство на бисерите во неговото семејство

Dzihat Aliju  | 03.05.2025 - Обновена : 03.05.2025
Семејството Филеви од Охрид ја пренесува тајната на производството на бисери низ четири генерации Фото: Umeys Sulejman/АА

ОХДРИД (АА) - ЏИХАТ АЛИЈУ -

Семејството Филеви од Охрид, кое произведува бисери речиси еден век, го пренесува тајниот процес на производство на бисери низ четири генерации, пишува Анадолу.

Во последните години, кога се зборува за туризам на Балканот, градот Охрид привлекува внимание и со бисерите што се произведуваат од езерото крај градот.

Охрид не е познат само по природните убавини, туку и како место каде што туристите доаѓаат да купат бисери.

- Бисерите се произведуваат со течност што се добива од рибата плашица што живее во Охридското Езеро -

Павел Филев, трета генерација од семејството Филеви, кое веќе четири генерации се занимава со производство на бисери, за Анадолу го сподели процесот на производство на бисерите во неговото семејство.

Тој истакна дека неговото семејство започнало да се занимава со производство на бисери во 20-тите години на 20 век, а историјата на ова занаетчиство започнала кога еден руски имигрант Јован Субановиќ, по Октомвриската револуција во Русија, се преселил во Охрид.

„Јово Субановиќ, кој завршил на брегот на Охридското Езеро, шетајќи покрај брегот се вклопил во живеењето во Охрид. Видел многу совпаѓање од неговата историја со која тој се занимавал пред да дојде во Охрид. Сфатил дека тоа е возможна варијанта да се извршува и во Охрид“, рече Филев.

Потоа Субановиќ забележал дека може да се произведуваат бисери од рибата плашица, која може да порасне до 14-15 сантиметри и ја има во Охридското Езеро. Овој таен процес тој му го открил на семејството Филеви како благодарност за помошта што му ја дало.

- „Нашите бисери не се како продукција на школки“ -

Филев истакна дека техниката за производство на бисери е семејна тајна и дека не се дозволува никој да влезе во нивните работилници.

„Нашите бисери не се како продукција на школки. Во школата за бисери постои терминологија на 'inside of the shell', 'outside of the shell'. Значи во школката и надвор од неа. Нашите бисери се 'outside of the shell', значи ние ги продуцираме така што не ја користиме технологијата на Јапонците и така натаму“, вели Филев.

Тој истакна дека има многу видови бисери во светот, но охридските бисери се посебни затоа што се произведуваат од материјал што е уникатен за Охридското Езеро и не може да се донесе од друго место, што го прави охридскиот бисер ендемски. Поради тоа, тој објаснува, производството не може да биде масовно, но затоа бисерите се многу посебни.

Филев додаде дека бисерите се произведуваат со користење течност што се извлекува од крлушките на плашицата, риба што живее во Охридското Езеро.

- Шведскиот крал Густаф и неговата сопруга, кралицата Силвија, имаат бисери на семејството Филеви -

Тој потсети дека нивниот занает започнал со вистинско постоење по 1960-тите години кога Охрид станал дестинација за туристите, а во 1978 година шведскиот крал Густаф и неговата сопруга, кралицата Силвија, ги посетиле и добиле бисери од нив.

Филев, исто така, спомена дека многу познати личности, како Јованка Броз, сопругата на лидерот на некогашна Југославија, Јосип Броз Тито, британската кралица Елизабета Втора, како и мексиканскиот бизнисмен Карлос Слим, добиле бисери произведени од нив.

Со повеќе од половина век во овој занает, Филев вели дека занаетот што го наследил од дедо му Никола и татко му Михаел им го пренел на своите деца Марија и Димитрија, со цел да ја зачуваат семејната тајна и да им ја пренесат на идните генерации.

- Техники за разликување на вистински и лажни бисери -

Филев истакна дека има многу начини да се разликува вистински бисер од лажен.

„Имаме некои основни методи за дијагностицирање, значи не се работи за тежината. Некои мислат дека треба да се одредува според тежината на ѓерданот, според студенилото на предметот што го допираат преку лицето. Тоа се методи што може да се користат, меѓутоа не во нашиот случај. Ние имаме еден многу едноставен систем, барем за да може да сфати почетник. Го земате ѓерданот и го подигнувате кон светлината, од другата страна ви бие светлина. На секоја перла има две сјајни и две темни страни. Значи, ротирајќи ја за 45 степени од темна наеднаш има светла страна, тоа е еден од големите знаци за да може да препознаете бисери“, објасни Филев.

Тој, исто така, додаде дека ако цената на бисерот е премногу ниска, тоа може да биде знак дека е лажен, а дека последниве години многу турски туристи купувале бисери од нив.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın