Балкан, Коронавирус

Северна Македонија доби уште 100.000 дози вакцини против Ковид-19 од Синофарм

Во Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје извршено е примопредавање на донацијата од 100.000 дози вакцини од Армијата на Народна Република Кина за Северна Македонија за борба против пандемијата

Furkan Abdula   | 15.05.2021
Северна Македонија доби уште 100.000 дози вакцини против Ковид-19 од Синофарм Фото: Министерство за одбрана на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Северна Македонија денес прими донација од Кина, што се состои од 100.000 дози вакцини од Синофарм, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на Министерството за одбрана на Северна Македонија, денеска во Поликлиниката „Јане Сандански“ било извршено примопредавање на донација од 100.000 дози вакцини од Армијата на Народна Република Кина за Северна Македонија за борба против пандемијата.

Се истакнува дека донацијата ја примиле министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за здравство, Венко Филипче, и началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Во соопштението се нагласува дека донацијата следува по средбата на министерката Шекеринска со кинескиот министер за одбрана Веи Фенгхе во март годинава, кога двајцата министри се согласија дека глобалните кризи, како што е оваа со пандемијата, можат да се решат исклучиво низ заеднички напори и со голема меѓусебна солидарност.

Според соопштението, Шекеринска упатила благодарност за поддршката од Кина: „Ова е вистинска помош во вистинско време и со количина која сериозно ќе ни ги засили напорите да се бориме со пандемијата. Оваа количина на вакцини ќе ни даде шанса да го продолжиме процесот на вакцинирање на припадниците на Армијата и Министерството за одбрана, но се разбира дека најголемата количина како и во претходните случаи ќе ја отстапиме за потребите на јавното здравство и за потребите на граѓаните. На ваков начин ќе обезбедиме и функционален одбранбен систем, меѓутоа ќе понудиме дополнителна шанса во борбата против пандемијата којашто го обедини целото наше општество и коешто претставува приоритет број еден на сите наши институции.“

Исто така, во соопштението на Министерството за одбрана на Северна Македонија се додава дека министерот за здравство, Венко Филипче, истакнал дека се работи за значително количество вакцини што може значително да ја смени сликата за пандемијата во Северна Македонија.

„Ние со процесот на вакцинација со кинеските вакцини кои пристигнаа пред неколку недели, веќе започнавме вакцинација, тие се дистрибуирани, остана количина од уште 50.000 која треба да се аплицира и сега ова ќе биде количина која ќе ја додадеме и ќе продолжи процесот на имунизација по приоретизација за возрасните групи, понатаму за целокупното население во нашата земја. Вакцината е единственото оружје кое го имаме за целосно да се смени сликата за пандемијата не само кај нас туку насекаде во светот. Изразувам голема благодарност, со ова се потврдува партнерството и близината помеѓу двете земји, двата народи и искрено верувам дека соработката ќе продолжи и во иднина“, рече Филипче.

Амбасадорот на НР Кина, Џанг Ѕуо, во изјавата за медиумите рече дека светот во моментот доживува длабоки промени благодарение на оваа пандемија и дека е потребно сите да се придржуваме кон мултилатерализмот и зајакнувањето на солидарноста и соработката.

„Кина е подготвена да продолжи активно да го поддржува народот на Северна Македонија во вашите напори за борба против епидемијата и да ги здружиме рацете за да напишеме ново поглавје во нашите пријателски односи меѓу нашите земји и војски“, истакна амбасадорот Ѕуо.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.