Протест во Албанија против предлог-законот „За родова еднаквост“: Тој е „антинационален и антисемеен“
Десетици граѓани, како и претставници на разни организации и активисти се собраа пред салата за пленарно заседавање на албанското Собрание, каде требаше да започне пленарната седница
ТИРАНА (АА) - Во Албанија се одржа протест против предлог-законот „За родова еднаквост“, за кој ќе се дискутира денес на седница на Парламентот, јавува Анадолу.
Десетици граѓани, како и претставници на разни организации и активисти се собраа пред салата за пленарно заседавање на албанското Собрание, каде требаше да започне пленарната седница.
Држејќи транспаренти со натписи „Предлог-законот за родова еднаквост е еднаков на антисемеен“, „Постојат само два пола, машки и женски“, „Пратеници, вашиот глас денес ќе остане во историјата“, „Предлог-законот за родова еднаквост, непријателство против верата“, „Албанците против родовото образование во училиштата“, демонстрантите ги повикаа пратениците да не гласаат за предлог-законот.
На протестот се придружија и неколку пратеници од опозициската партија, Демократската партија на Албанија, меѓу кои и нејзиниот претседател и поранешен премиер Сали Бериша.
Протестот беше организиран од граѓански организации и активисти на граѓанското општество, кои последните недели се спротивставија на неколку членови од предметниот предлог-закон. Според организаторите, предлог-законот „За родова еднаквост“ е „антинационален, антисемеен и антидетски предлог-закон и спротивен на албанската традиција и култура“.
Според нив, предлог-законот остава простор за злоупотреба на родовите поими и е неспроведлив во практика.
- Предлог-закон
Според албанските власти, предлог-законот „За родова еднаквост“ има цел да ги регулира фундаменталните прашања за родовата еднаквост во сите области на јавниот и приватниот живот, со цел целосно и ефикасно, законски и во практика да се постигне родова еднаквост.
Исто така, се нагласува дека има цел еднаков третман, без оглед на полот, преку заштита, еднакви можности за остварување на правата и уживање во добра и услуги, учество, застапување и придонес во развојот на сите области на општествениот живот.
Предлог-законот предизвика реакции во Албанија бидејќи првично го дефинираше полот како инклузивен.
Со новите предлози за измени на предлог-законот се наведува дека „род“ значи улоги изградени во општествениот контекст, однесувањата, активностите и атрибутите што даденото општество ги смета за соодветни за жените и мажите.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
