Балкан

Претседателот на Собранието Гаши ги распиша локалните избори за 19 октомври

- Претседателот Гаши го потпиша Решението за распишување на осмите локални избори согласно член 12 став 4 од Изборниот законик, почитувајќи го рокот од 70 до 90 дена од распишување до одржување на изборите.

Oktaj Omeragikj  | 09.08.2025 - Обновена : 10.08.2025
Претседателот на Собранието Гаши ги распиша локалните избори за 19 октомври

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска (9 август) ги распиша локалните избори, закажувајќи ги за 19 октомври, известува Анадолу.

Претседателот Гаши го потпиша Решението за распишување на осмите локални избори согласно член 12 став 4 од Изборниот законик, почитувајќи го рокот од 70 до 90 дена од распишување до одржување на изборите.

Со распишувањето на изборите, почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, согласно Изборниот законик и според календарот што треба да го донесе Државната изборна комисија.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври. Вториот круг од изборите за градоначалници треба да се одржат на 2 ноември, во единиците на локалната самоуправа во кои изборите нема да завршат во првиот круг.

По повод распишувањето на локалните избори, изјава даде претседателот Гаши.

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите и на политичките партии. Согласно Уставот, Изборниот законик, важечкото законодавство, како и врз основа на моите надлежности како претседател на Собранието, имам чест и институционална одговорност да ве информирам дека денес, официјално, го потпишав Решението за распишување на претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Ова решение го доставив до надлежните органи за организирање и спроведување на изборите и очекувам максимален ангажман за реализација на чесен и демократски процес.“

Тој рече дека во текот на изборната кампања, која започнува дваесет дена пред одржувањето на изборите, Собранието ќе продолжи со редовното административно функционирање, но нема да се одржуваат пленарни седници со цел да се избегне злоупотребата на собраниската говорница за изборни цели и да им се овозможи на пратениците целосно да се посветат на комуникацијата со граѓаните.

Гаши им посака успех на сите кандидати и на сите политички партии кои ќе учествуваат на изборите, изразувајќи желба локалните избори да бидат натпревар на кој во центар на дискусиите ќе бидат идеите и визиите за подобра иднина.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın