Балкан

Познатите шарски плескавици еден од неизбежните балкански вкусови во Северна Македонија

Бидејќи главните состојки на ова специјално јадење, меленото месо и кашкавалот, доаѓаат од Шар Планина во регионот, плескавицата со кашкавал е позната и како „шарска плескавица“ или „шарска“

Dzihat Aliju  | 20.12.2025 - Обновена : 20.12.2025
Познатите шарски плескавици еден од неизбежните балкански вкусови во Северна Македонија Фото: Umeys Sulejman/AA

СКОПЈЕ (АА) -

Џихат АЛИЈУ

Шарската плескавица, познат балкански деликатес, е меѓу неизбежните вкусови на Северна Македонија.

Ова јадење, подготвено од мелено месо, кашкавал и зачини, се јаде со кромид или, по можност, со регионална салата наречена „шопска“, која се состои од домати, краставици и сирење.

Бидејќи главните состојки на ова специјално јадење, меленото месо и кашкавалот, доаѓаат од Шар Планина во регионот, плескавицата со кашкавал е позната и како „шарска плескавица“ или „шарска“.

Гостилницата „Истанбул“, која се наоѓа во Старата чаршија во Скопјe, главниот град на Северна Македонија, се издвојува како ресторан познат по својата „шарска“.

Сопственичката Едита Зејнуловиќ во интервјуто за Анадолу вели дека во 1992 година гостилницата ја отвориле нејзиниот дедо, татко и чичко.

Зејнуловиќ објасни дека го презела семејниот ресторан откако се пензионирале татко ѝ и чичко ѝ и истакна дека тука служат готвени јадења и скара, покрај „шарска“.

„Ние не сме на туристичката мапа, значи туристите не нѐ знаат толку. Ова место го знаат само оние што многу добро ја познаваат чаршијата“, рече Зејнуловиќ.

Таа забележа дека тие генерално го услужуваат еснафот во чаршијата, но спомена и дека мал број туристи што знаат за „шарска“ и слушнале за овој деликатес, исто така, ги посетуваат.

„'Шарска' е од времето кога татко ми почнал да работи. Тој го создал овој рецепт. Секаде има 'шарска', не дека нема, но ова е наше производство“, кажа таа.

Зејнуловиќ вели дека сами ги прават состојките за ова јадење и дека неговиот рецепт е „семејна тајна“, додавајќи дека се состои од говедско месо, зачини и природен кашкавал, а дека месото е 100 проценти чисто и без додатоци.

- „Ние сме во духот на традицијата, автентичноста и кореспондираме со чаршијата“ -

Таа вели дека вкусот на „шарска“ сè уште го задржува оригиналниот вкус од првиот ден. „Ние сме во духот на традицијата, автентичноста и кореспондираме со чаршијата, затоа што ова е турска чаршија, Стара чаршија, па ги има и јадењата од минатото“, додаде таа.

Зејнуловиќ вели дека татко ѝ не работи во гостилницата повеќе од 10 години, но сè уште сам купува, додавајќи дека повремено ги тестира плескавиците за да го провери квалитетот и ги дава сите потребни предупредувања.

Таа истакнува дека гостилницата ја именувала „Истанбул“ во чест на духот на старата турска чаршија. „Татко ми по потекло е од Гора од Косово. Таму се родени, меѓутоа тука е израснат. Во минатото некои негови роднини се преселиле во Истанбул во Турција. Мислам дека ова некако е поврзано со тоа како дошло до името 'Истанбул'“, вели Зејнуловиќ.

Зејнуловиќ рече дека од семејството добила поддршка и ја стекнала почитта од клиентите. Посочува и дека гостилницата ја посетуваат и турски туристи.

- Муштериите го претпочитуваат „Истанбул“ за „шарска“ -

Ања Николовска, една од муштериите, рече дека работи во близина на чаршијата и дека дошла тука по препорака на колега.

„Денес јадам порција, меѓутоа најчесто доаѓаме и земаме за на работа, шест-седум луѓе јадеме 'шарска'. Ова е една од повкусните 'шарски' што ги имам пробано“, кажа Николовска додавајќи дека посебно ѝ било препорачано да ја проба „шарска“.

Друг муштерија, Аган Алиу, рече дека неколкупати бил во оваа гостилница и дека навистина му се допаднала „шарска“, додавајќи: „Навистина ми се допаѓа кашкавалот внатре. Овде 'шарска' е многу посебна.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.