Балкан

Одбележани 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување – ЕБР

– Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека Единицата за брзо распоредување (ЕБР) за само 2 децении израснала во суштински неопходна полициска формација во делот за посебни и специјални полициски задачи

Husamedin Gina  | 23.08.2021 - Обновена : 24.08.2021
Одбележани 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување – ЕБР Фото: Хусамедин Гина / Агенција Анадолија

СКОПЈЕ 

Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека Единицата за брзо распоредување (ЕБР) за само 2 децении израснала во суштински неопходна полициска формација во делот за посебни и специјални полициски задачи, јавува Агенција Анадолија (АА).

Денес во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ се одржа свечена церемонија по повод одбележувањето на јубилејот – 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување – ЕБР, во состав на Министерството за внатрешни работи, при што свое обраќање имаа премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и командантот на ЕБР, Вице Столески.

Премиерот Заев во обраќањето, потенцирајќи дека системот на безбедност е еден од темелните столбови на секое општество, рече дека во тој систем, полицијата преку нејзината поставеност, функционалност и ефикасност е клучниот системско-институционален инструмент за остварување на целите на безбедноста, заштитата на слободите, правата и материјалните добра на граѓаните.

„Единицата за брзо распоредување, позната како ЕБР за само 2 децении израсна во суштински неопходна полициска формација примарно во делот на она што значи посебни и специјални полициски задачи и области на делување“, нагласи премиерот Заев.

„ЕБР денес“, како што истакна премиерот Заев, „е високопрофесионална едница соодветно прилагодена на потребите и целите на полициското работење со континуирана изразена подготвеност за нови знаења, вештини и уште повисоки дострели.“

„Македонската полиција“, како што нагласи министерот Оливер Спасовски, „денеска одбележува уште еден, исклучително значаен настан, 20 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување, организациона структура којашто темелно е позиционирана во нашиот систем на полициско функционирање и дејствување.“

„Во градењето на актуелниот особено позитивен статус што македонската полиција го ужива не само дома, туку и како респектабилен партнер, активно ангажирана во мноштво регионални и меѓународни иницијативи, операции, проекти, коишто исто така ја имаат заслугата за сите полициски служби, вклучително и Единицата за брзо распоредување, чиј слоган не случајно гласи: ‘Секогаш и секаде!‘“, рече Спасовски.

Командантот на ЕБР, Вице Столески, осврнувајќи се на растот и развојот на Единицата рече дека ЕБР прераснала во високоспецијализирана полициска единица, во чии рамки се воспоставени високи и специфични, стручни и професионални критериуми за сите нејзини припадници од сите аспекти, физички, ментален, здравствен, образовен и технички.

По повод 20 години од формирањето на ЕБР им беа доделени јубилејни плакети на премиерот Зоран Заев, министрите Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Венко Филипче, Фатмир Битиќи, Љупчо Николовски и на државната секретарка во МВР Магдалена Несторовска.

Исто така, на церемонијата со едноминутно молчење им беше оддадена почит на сите загинати припадници на ЕБР.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.