Муцунски на НАТО-самитот: Потребата да се инвестира повеќе во сопствените одбранбени капацитети мора да остане приоритет
- „Ја гледам мојата земја како членка на НАТО, но сè уште не сме членка на Европската Унија. За жал, сега најголемата пречка доаѓа од Бугарија – наш сојузник.“

СКОПЈЕ (АА) – Потребата да се направи и инвестира повеќе во сопствените одбранбени капацитети мора да остане приоритет број еден за сите земји членки, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, на самитот на НАТО во Хаг, пренесува Анадолу.
Министерот, заедно со државната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на покана на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, присуствува на дводневниот самит на НАТО во Хаг.
Во рамките на првиот ден од самитот, како што соопшти Министерството, Муцунски присуствувал на работната вечера на земјите членки на НАТО, во формат Совет НАТО–Украина, каде што се разменети мислења за тековната безбедносна ситуација, потребата од одржлива и координирана поддршка за Украина, како и за зголемените капацитети за одбрана и отпорност на сојузниците.
„Потребата да се направи и инвестира повеќе во сопствените одбранбени капацитети мора да остане приоритет број еден за сите земји членки, при што континуираната координација е единствен начин за постигнување заеднички успех“, порача Муцунски и ја истакна и важноста од постигнување праведно и долгорочно решение за Украина, а ја реафирмираше и подготвеноста на Северна Македонија за натамошна поддршка за Украина.
Муцунски, како што соопшти МНР, денес учествувал на сесијата посветена на лидерството и идната улога на младите во справувањето со современите безбедносни ризици, како и на заложбата за инклузивна и одржлива безбедносна политика.
„Вистинската мера за нашиот успех ќе биде дали сме во состојба да изградиме вистинско партнерство меѓу генерациите – каде што искуството и иновацијата не се во судир, туку се дополнуваат“, рече Муцунски.
Тој се осврна и на улогата на НАТО во обединувањето на младите и за фрустрациите кај младите генерации, особено поради застојот во процесот на европска интеграција на Северна Македонија, нагласувајќи: „Покрај безбедносните предизвици, денес се соочуваме и со наративи на конфликт што се создаваат и во нашите општества, со цел да ги поделат младите. Ја гледам мојата земја како членка на НАТО, но сè уште не сме членка на Европската Унија. За жал, сега најголемата пречка доаѓа од Бугарија – наш сојузник. Тешко е да се објасни како сојузник може да предизвика дестабилизација. Најголемата фрустрација се гледа токму кај младите.“
Тој повика на инвестирање не само во силна одбрана туку и во отпорност, во кибер и инфраструктурна безбедност, во одбранбената индустрија, како и во борбата против штетните наративи, дезинформациите и лажните вести што ја поткопуваат Алијансата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.