Балкан

Министерот Муцунски во Брисел се сретна со комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос

- На средбата е поздравен реформскиот пристап на Владата, особено исполнувањето на обврските од реформскиот процес и имплементацијата на Планот за раст

Elena Trenchevska Chekovikj  | 26.08.2025 - Обновена : 26.08.2025
Министерот Муцунски во Брисел се сретна со комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во рамките на дводневната работна посета на Брисел, денес се сретна со комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, пренесува Анадолу.

Министерството соопшти дека Муцунски и Кос на средбата ја нагласиле силната поддршка за проширувањето на Унијата, и од страна на земјите членки и од страна на граѓаните на Северна Македонија, потврдено и во наодите од последниот „Евробарометар“.

На средбата е поздравен реформскиот пристап на Владата, особено исполнувањето на обврските од реформскиот процес и имплементацијата на Планот за раст, се наведува во соопштението.

Се додава дека министерот Муцунски нагласил дека реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда, со силен фокус на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Тој изразил благодарност за личниот ангажман на еврокомесарката Кос во пристапниот процес, особено во контекст на нејзиното учество и поддршка на Самитот за Планот за раст, што се одржа неодамна во Скопје.

Двајцата соговорници, како што се истакнува, размениле мислења и за неодамнешното приклучување на Северна Македонија кон СЕПА, како и за иницијативата за постепено укинување на роаминг трошоците помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

Одлуката за оваа иницијатива се очекува на почетокот на 2026 година, како дел од бенефитите на постепената интеграција во ЕУ.

На средбата е дискутирано и за актуелните регионални и глобални случувања, и потврдена е заедничката поддршка за Украина и заложбата за што побрзо постигнување на праведен и одржлив мир.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.