Макрон во телефонски разговор со Вучиќ ја нагласи важноста на дијалогот Косово-Србија
„Со земјите од Западен Балкан, Европа ќе се реализира и ќе ја прифати својата судбина - во единство, солидарност и одговорност“

СКОПЈЕ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја нагласи важноста на дијалогот меѓу Косово и Србија, пренесува Анадолу.
Макрон, во објава на Х, истакна дека во разговорот ја осудил секоја еднострана акција што може да го загрози дијалогот меѓу Приштина и Белград.
„Со земјите од Западен Балкан, Европа ќе се реализира и ќе ја прифати својата судбина - во единство, солидарност и одговорност“, нагласи Макрон.
Рече дека во разговорот повторно го искажал своето верување дека европската иднина на Србија е нејзиниот вистински пат, како и надежта дека ќе напредува по тој пат на реформи и пристапување, во духот на дијалогот.
Посочи дека ги разгледале сите аспекти на односите меѓу Србија и Франција и одлучиле дополнително да ја зајакнат меѓусебната соработка. „Исто така, детално разговаравме за ситуацијата во регионот“, објави Макрон, нагласувајќи го големото значење што Франција го придава на стабилноста, единството и суверенитетот на Босна и Херцеговина, како и на почитувањето на владеењето на правото.
- Вучиќ: Србија останува посветена на сите процеси насочени кон зачувување на мирот, соработката и просперитетот –
Пријателски отворен разговор со претседателот Емануел Макрон за билатералните односи и регионалните прашања, особено во светлината на актуелните случувања во Босна и Херцеговина и Косово, објави српскиот претседател Вучиќ на социјалните мрежи по разговорот со францускиот претседател.
„Нагласив дека Србија останува посветена на сите процеси насочени кон зачувување на мирот, соработката и просперитетот и повторив дека развојот на земјата, благосостојбата и заштитата на српскиот народ се наши клучни национални интереси“, истакна Вучиќ, додавајќи дека ја нагласил и посветеноста на дијалогот и почитувањето на меѓународното право, како и подготвеноста за придонес кон долгорочната стабилност на регионот.
Српскиот претседател рече дека му се заблагодарил на Макрон за неговиот личен ангажман за Западен Балкан, како и за континуираната поддршка што Франција ѝ ја дава на Србија на нејзиниот европски пат и му упатил покана да ја посети земјата.