Македонската писателка Лидија Димковска ја воодушеви мостарската публика
- Писателката Лидија Димковска има објавено седум збирки поезија, четири романи, еден американски дневник и збирка куси раскази, а нејзините песни и прози се преведени на 17 јазици.

МОСТАР (АА) - Посетителите на меѓународната културна манифестација „Мостарско лето 2024“ синоќа имаа можност да уживаат во книжевна вечер со писателката Лидија Димковска од Северна Македонија, во организација на Националната библиотека Мостар, а во амбиентот на Институтот „Јунуз Емре“, пренесува Анадолу.
Лидија Димковска дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а докторирала Романска книжевност на Факултетот во Букурешт, каде што и работела како лектор по македонски јазик и литература.
Димковска има објавено седум збирки поезија, четири романи, еден американски дневник и збирка куси раскази, а добитничка е и на многу книжевни награди во Северна Македонија, регионот и пошироко.
Песните и прозата на македонскиот писател се преведени на 17 јазици.
Разговорот со писателката го водела босанската писателка Мелида Траванчиќ, која рече дека Лидија Димковска сосема сигурно е една од најзначајните имиња на европската литература на денешницата.
„Таа има објавено седум збирки поезија, четири романи, еден американски дневник и една книга куси раскази. Добитничка е на голем број награди и признанија. Без да ја намалиме вредноста на другите награди, особено ја издвојуваме Европската награда за литература во 2013 година за книгата „Резервен живот“, рече Траванчиќ.
Таа посочи дека делото на Димковска укажува на целокупната деконструкција на светот денес.
„Во своите дела таа зборува за сите аномалии на современото општество. На суптилен, ненаметлив, но сепак ефективен начин, таа зборува за положбата на жената и им дава глас на сите оние маргинализирани кои не се способни да зборуваат. Во нејзината поезија се провлекува емпатичниот однос кон другиот. Зборува за сите општествени промени што се случуваат, за културата, за сѐ она што е важно и што важен го прави животот на современиот човек“, нагласи Траванчиќ.
Авторката Лидија Димковска истакна дека ова е нејзин прв престој во Мостар и дека е особено среќна поради тоа.
„Многу ми е драго што сум во Мостар и тоа во рамките на настанот „Мостарско лето“. За мене е многу важно да ја презентирам мојата литература, а многу ми е важно и моите книги да се читаат во Босна и Херцеговина. Имавме прекрасен разговор со писателката Мелида Траванчиќ, која многу ја почитувам и ја ценам како писателка. Сите мои романи се поврзани со нашиот регион. Во поезијата може да се најдат многу теми кои се занимаваат со геополитички, егзистенцијални, социјални и други прашања. Мислам дека мојата литература не е толку тешка за разбирање, но секако отвора некои прашања за кои можеме да размислуваме индивидуално и колективно“, рече Димковска.