Кривични пријави за несовесно потрошени пари за мостот „Око“ од проектот „Скопје 2014“
Според Сузана Петровска од Финансиска полиција, за овој мост, кој е дел од проектот „Скопје 2014“, Финсиската полиција утврдила штета од 400 илјади евра направена од поранешниот градоначалник и од уште две лица од Општина Центар.

Skopje
СКОПЈЕ (АА) - Кривична пријава заработија три лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Општина Центар, В.Т, за криминал за изградбата на пешачкиот мост „Око“ на реката Вардар во Скопје, информираше на денешната прес-конференција, Управата за финансиска полиција, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Сузана Петровска од Финансиска полиција, за овој мост, кој е дел од проектот „Скопје 2014“, Финсиската полиција утврдила штета од 400 илјади евра направена од поранешниот градоначалник и од уште две лица од Општината, додавајќи дека овие лица извршиле прекршување на повеќе закони, неисплата на банкарски гаранци и злоупотреба на службената положба и овластувања.
„Пријавените, вршејќи ја несовесно својата службена должност, на начин што, иако рокот за извршувањето на работите бил поминат, истовремено знаејќи дека изведувачот има долг кон Општина Центар, во износ од 8.773.714,00 денари на име аванс, а притоа во Општина Центар од нивна страна не биле обезбедени валидни банкарски гаранции, дозволиле во Општина Центар да бидат примени и да бидат исплатени две фактури доставени од изведувачот „Конструктор инжинеринг АД Сплит“, со опис „Разлика во цени за изведени работи и трошоци поради застој на работите“, во вкупен износ од 7.069.244,50 денари“, рече Петровска.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, информира дека нанесената штета во вкупен износ од 26,6 милиони денари или приближно 433.389 евра пријавените лица се согласија да ја надоместат во целост, за што добиле потврда и од Општина Центар дека на 30 јуни оваа година паричните средства се вратени на буџетската сметка на Општината, но ова не значи, додаде директорот, дека постапката против осомничените ќе биде запрена.
Според него, другите предмети од проектот „Скопје 2014“, за кои е надлежна Финансиска полиција, се во предистражна постапка, и посочи дека од предистрагите произлегле сомневања за одлевање пари од земјава.
Инаку, „Скопје 2014" е проект, кој е покренат во 2010 година, во најголем дел финансиран од Владата на Република Македонија. Проектот се состои од изградба на споменици на историски личности од мермер и бронза, фонтани, скулптури и нови згради на институции за централното градско подрачје.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.