Косовската претседателка Османи: Белгија е еден од најдоверливите партнери на Косово на патот кон ЕУ и НАТО
Османи изрази длабока благодарност за континуираната поддршка на Белгија за Косово

ПРИШТИНА (АА) - Косовската претседателка Вјоса Османи ги прими белгиската министерка за правда Анелис Верлинден и министерката за азил и миграција, Анелин Ван Босујт, јавува Анадолу.
На средбата што се одржа во Кабинетот на претседателката на Косово разговарано е за односите меѓу Косово и Белгија, соработката во областа на правдата, безбедноста, владеењето на правото, одбраната, како и процесот на евроинтеграција.
Османи изрази длабока благодарност за континуираната поддршка на Белгија за Косово и нагласи дека Белгија останува еден од најдоверливите и најпринципиелните партнери на Косово на патот кон Европската Унија (ЕУ) и НАТО.
Во овој контекст, Османи ја нагласи важноста од забрзување на евроинтегративниот процес на Косово, посочувајќи дека институциите на земјата целосно му се посветени на спроведувањето на реформите што ги зајакнуваат демократијата, владеењето на правото и одговорноста.
Во однос на патот на Косово за интеграција во ЕУ, Османи ја нагласи потребата Белгија да ја преземе водечката улога во поддршката на апликацијата на Косово за членство во ЕУ. Според Османи, тесната соработка меѓу Косово и Белгија во правосудството, безбедноста и одбраната е модел на европско партнерство што ги зајакнува мирот, стабилноста и заедничката перспектива.
Претходно, во текот на вчерашниот ден, двете белгиски министерки ја посетија Албанија, а некои странски медиуми објавија дека Белгија започнала дипломатска мисија во Албанија и во Косово за разговори за можноста за трансфер на странски затвореници, особено на оние што се нелегални мигранти, со цел да се намали пренатрупаноста во белгиските затвори.
Косово веќе има договор за најмување ќелии со Данска, која своите први затвореници ќе ги смести во Гнилање во текот на 2027 година. Од десетгодишниот договор, кој предвидува користење на Поправниот дом во Гнилање за сместување на 300 дански затвореници, Косово ќе добие 200 милиони евра.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.