Балкан

Координативното тело за пописот на Турците во Северна Македонија побара поништување на резултатите

„Како Национално координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија, денеска доставивме Приговор со факти и аргументи дека целиот попис е спроведен против уставните и законските одредби...“

Husamedin Gina  | 20.05.2022 - Обновена : 22.05.2022
Координативното тело за пописот на Турците во Северна Македонија побара поништување на резултатите Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) – Националното координативно тело за пописот на турската заедница во Северна Македонија, денеска до Државниот завод за статистика (ДЗС) достави Приговор со факти и аргументи дека целиот попис е спроведен против уставните и законските одредби и дека бараат резултатите од пописот да се поништат и тој да се прогласи за невалиден, јавува Агенција Анадолија (АА)

Претседателот на Сојузот на турските невладини организации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ), Хусрев Емин, пратеникот и претседател на Демократската партија на Турците, Бејџан Илјас и претседателот на Движењето на национално единство на Турците, Ердоган Сарач, денеска доставија Приговор до Државниот завод за статистика во врска со реализираниот Попис на населението и објавените резултати.

Хусрев Емин, координаторот на Националното координативно тело за пописот на турската заедница истакна дека резултатите и процентите објавени на 30 март 2022 од страна на Државниот завод за статистика не ја претставуваат вистинската слика за турската заедница во земјата, односно бројките и процентите се потценети.

„Како Национално координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија, денеска доставивме Приговор со факти и аргументи дека целиот попис е спроведен против уставните и законските одредби. Исто така, прекршени се многу права што се наведени во Уставот на Република Северна Македонија. Бараме од Државниот завод за статистика да ги поништи резултатите на пописот и тој да се прогласи за невалиден“, нагласи Хусрев Емин.

Хусрев Емин, исто така, нагласи дека во неколку наврати пред и за време на пописот побарале средба со директорот на Заводот за статистика, но никако не добиле позитивен одговор од директорот.

Пратеникот во Собранието на Северна Македонија и претседател на Демократската партија на Турците, Бејџан Илјас, истакна дека денеска не се тука емотивно да го застапуваат својот народ, туку дека тука се со факти и аргументи изнесени на повеќе страници да достават приговор до Заводот за статистика.

Пратеникот Илјас наведувајќи дека приговорот ќе бидат доставен до сите релевантни институции во земјата и на меѓународно ниво, почнувајќи од Советот на Европа, рече дека тука се за да го бранат правото на Турците.

На новинарско прашање да ја коментира реакцијата од Турција дека официјалните власти во Северна Македонија треба да ги земат предвид изјавите на Националното координативно тело за пописот на турската заедница во Северна Македонија, дадени во однос на резултатите на пописот, Илјас рече дека е многу нормално да има реакции од Турција како што имало реакции и од меѓународните инстанци.

„Многу е нормално да има и реакции од Република Турција, како наша матична земја. Република Турција во овој случај и во минатото се докажа како многу добар пријател, многу близок пријател на нашата земја“, додаде Илјас.

Претседателот на Движењето на национално единство на Турците, Ердоган Сарач, наведувајќи дека не е прифатливо со ваков закон да има објективен попис, рече дека пописот станал политичка операција.

„Ние oчекувавме дека пописот на населението ќе биде статистичка операција, но за жал, видовме дека се работи за политичка операција“, нагласи Сарач.

Тој, меѓу другото, додаде дека нивните податоци од различни населени места каде што живеат Турците и резултатите на Државниот завод за статистика не се совпаѓаат и дека не ги признаваат резултатите доколку процентот на Турците биде помалку од 7 проценти.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.