Испратен првиот контигент на Армијата на Северна Македонија во Мисијата на НАТО во Косово
„Северна Македонија го зазема местото во НАТО како земја која значи мир, безбедност и стабилност на Балканот, и наша обврска е да вложиме во стабилноста на нашиот регион, да дадеме придонес за регионалната стабилност“, рече Шекеринска

СКОПЈЕ
Во касарната „Илинден“ во Скопје, со присуство на највисокиот воен и државен врв се одржа воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во Мисијата на НАТО во Косово - КФОР, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свеченоста, пред припадниците од контингентот се обратија претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Претседателот Пендаровски во својот говор пред присутните истакна дека припадниците на Армијата на Северна Македонија и пред земјата да стане членка на НАТО, со учеството во мисиите покажале дека може да одговорат и на најкомплексните барања и да ги извршат сите задачи.
„Иако сме членка на НАТО од март годинава, нашиот рејтинг во Алијансата е висок, а заслугата ви припаѓа пред сè вам почитувани војници и старешини затоа што во континуитет покажувате врвна професионалност и целосна посветеност на оваа благородна професија. Затоа денес немам ниту најмал сомнеж дека Вие, припадниците на Армијата, и во претстојната мисија ќе ги задржите највисоките стандарди и достојно ќе ја претставувате својата татковина“, истакна Пендаровски.
„Мисијата КФОР започна пред 21 година како одговор на огромната воена и хуманитарна криза и таа мисија донесе мир и безбедност за граѓаните на Косово, но и стабилизација на целиот наш регион. Нашето идно присуство на Косово со 44 војници, што ќе биде наше најбројно учество во моментов споредено со останатите контигенти кои ги имаме во Авганистан, Либан и во Босна и Херцеговина, доволно зборува за значењето кое ние ѝ го придаваме на оваа мисија“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека Република Северна Македонија станала пример како со јасна политичка волја и стратешка визија за идината на државата и народот може да се исчекори напред „и од држава на која ѝ требаше надворешна асистенција и помош да се трансформира во држава која е фактор на стабилност во регионот и почитуван сојузник во најсилната политичко-воена алијанса во историјата на светот“.
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во обраќањето на свеченоста рече дека Армијата на Северна Македонија досега и посредно учествувала во Мисијата КФОР преку логистичка поддршка на НАТО, но дека сега оваа мисија има посебно значење за Армијата, со оглед дека за прв пат земјата директно учествува во Мисијата како 30. земја членка на НАТО.
„Припаѓаме на регион кој сè уште се соочува со различни предизвици и затоа сме убедени дека постои потреба за негова јасна перспектива во НАТО и ЕУ. Западен Балкан не е изолиран остров. Тој е неразделно поврзан со западноевропските и трансатлантските вредности. Северна Македонија ќе продолжи да биде силен промотор на регионалната политичка и одбранбена соработка и дијалог преку структурирање на регионални активности и иницијативи“, потенцираше Заев.
Министерката за одбрана на Сеерна Македонија, Радмила Шекреринска, истакна дека припадниците на Армијата не се ниту нови, ниту непознати во меѓународните мисии, но она по што навистина е поинаква оваа мисија и оваа прва ротација е фактот што за Северна Македонија ова е прва мисија како членка на Алијансата.
„Северна Македонија го зазема местото во НАТО како земја која значи мир, безбедност и стабилност на Балканот, и наша обврска е да вложиме во стабилноста на нашиот регион, да дадеме придонес за регионалната стабилност, да помогнеме Балканот да биде подобро, помирно, попросперитетно место за живеење. Покажавме кои се нашите квалитети на многу далечни места. Отсега, ќе го покажеме нашето вистинско место и во регионот“, рече Шекеринска.
Таа рече дека придонесот на Армијата на Северна Македонија ќе продолжи да расте и во текот на цела 2021 година, со што се очекува во следната ротација бројот на армиските припадници да се зголеми на над 60, а од идното лето во Мисијата КФОР ќе придонесуваат околу 180 војници, офицери и подофицери на Армијата на Северна Македонија.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.